Папа Франциско: Патот на раздорот не е христијански

Поглаварот на Римокатоличката црква Франциско по посетата на африканските земји, каде повторно се заложи за сочувствување со сиромашните, правда за мигрантите и заштита на животната средина, изнесе досега најотворено признание за тензиите со конзервативните католици во САД, кои го обвинуваат за антикапиталистичка програма и отстапување од основните учења на црквата, пишуваат западните медиуми.
Соочен со постојаното спротивставување на католичките конзервативци од САД и обвинувањата дека ги оддалечува традиционалистите од црквата, папата изрази надеж дека нема да се случи раскол, но и дека не се плаши од него, пишува „Њујорк тајмс”.
– Се молам да нема раскол, но не се плашам од него, изјави папата, додавајќи дека „секогаш постои можност за раздор во црквата, но патот на раскол не е христијански”.
Некои од блиските соработници на папата Франциско јавно зборуваат дека тој е мета на заговор од конзервативните непријатели, кои се загрозени од пристапот што го зазема црквата под негово водство.
Ултраконзервативното крило на Католичката црква во САД често го критикува папата Франциско, тврдејќи дека не се спротивставува доволно силно на абортусот, а премногу ги сожалува хомосексуалците и разведените, како и дека е премногу помирлив кон муслиманите.
Одреден број незадоволни конзервативни католици бараат оставка на папата, обвинувајќи го за „ерес”, а поради неговите чести критики за капитализмот и поддршката на угнетените, некои го сметаат за „комунист”.
Папата Франциско меѓутоа инсистира дека неговите изјави за општеството се истите кои ги зборувал и папата Јован Павле Втори, кој е многу популарен меѓу конзервативните католици, пишува британски „Гардијан”.
Според медиумите, посетата на папата Франциско на Мозамбик, Мадагаскар и Маурициус не била случајна.
Податоците на ОН покажуваат дека 80 отсто од населението во Мозамбик не може да се дозволи минимални трошоци за исхрана, додека 90 отсто од населението во Мадагаскар живее со помалку од два долари дневно.
Папата во Мозамбик го критикуваше „тежнеењето за грабање и уништување поттикнато од алчност однадвор”, додека на Маурициус повикал да се прифатат мигрантски работници. На отворената миса во Мадагаскар, според организаторите, се собрале повеќе од еден милион луѓе.
Поглаварот на Римокатоличката црква по враќањето од Африка го осуди популизмот и ксенофобијата, споредувајќи ги популистичките политичари со нацистичкиот лидер Адолф Хитлер.
– Некогаш некаде слушам говори кои наликуваат како оние на Хитлер во 1934 година. Тоа е како да сакаме да го вратиме минатото во Европа, нагласи папата Франциско, додавајќи дека „ксенофобијата е човечка болест, исто како и сипаниците”.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ