Четиригодишно момче се удави во аквапаркот „Југово“ во Смедерево, Србија, во трагичен настан што ја потресе јавноста.
Според сведочењата на очевидци, екипата на Итната медицинска помош пристигнала веднаш по добиениот повик и започнала со реанимација, но и покрај сите напори, лекарите не успеале да го спасат детето.
„Лекарот го носеше детето во раце, сцената беше страшна за гледање“, изјавил еден од очевидците за локалните медиуми.
На местото на трагедијата излегле полицијата и надлежните служби, кои извршиле увид. Причините и сите околности за несреќата ќе бидат утврдени по завршувањето на истрагата.
Трагичниот случај повторно ја отвори темата за безбедноста на најмалите во водените паркови и базените, каде експертите постојано апелираат на постојан надзор од страна на родителите.
За малите деца, особено оние кои не знаат сигурно да пливаат, се препорачува да бидат постојано под директен надзор на возрасен, со соодветна заштитна опрема и строго почитување на правилата за безбедност.
