Пратеникот Љупчо Николовски побара одговори од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Агенцијата за храна и ветеринарство во врска со утврдените неправилности кај увезени и домашни млечни производи.
Тој истакна дека како претставник на граѓаните чувствува обврска да реагира поради, како што наведе, сериозните сомнежи за пропусти во системот за контрола на безбедноста и квалитетот на храната.
Николовски поставува неколку прашања до надлежните институции, меѓу кои дали во текот на 2025 и 2026 година бил спроведуван редовниот мониторинг согласно Годишната наредба за извршување на ветеринарни мерки и контроли за заштита на јавното здравје, како и колку мостри од увезени млечни производи биле анализирани за квалитет и безбедност.
Тој прашува и како е можно утврдените неправилности да не бидат откриени преку редовните контроли, туку дури по спроведувањето на вонреден мониторинг, кој следувал по реакциите на домашните производители и преработувачи.
„Граѓаните имаат право да знаат дали институциите навремено и доследно ја извршувале својата законска обврска за контрола на храната што секојдневно завршува на нивните трпези. Ова се прашања на јавно здравје, безбедност на храната и институционална одговорност“, порача Николовски.
Тој предупреди дека евентуалните пропусти во контролата на увозот на млечни производи имаат директни последици и врз домашното производство. Според него, домашните млекопреработувачи се соочуваат со зголемени залихи, намален пласман и намален откуп на сурово млеко, што дополнително ги притиска откупните цени.
Николовски посочи и дека состојбата во сточарскиот сектор дополнително се усложнува поради неисплатените субвенции за млечни крави и за произведено и предадено млеко.
Тој побара Министерството за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство веднаш и транспарентно да ги објават резултатите од сите редовни и вонредни контроли, како и мерките што се преземени по утврдените неправилности.
„Јавното здравје е над сѐ. Одговорност мора да има“, истакна Николовски.
