Три лица се пронајдени мртви во студентски дом во бугарскиот град Угарчин, јавуваат локалните медиуми. Жртвите во овој трагичен настан се две жени и еден маж.
Според првичните информации, на настанот му претходел жесток конфликт меѓу неколку лица во објектот, кој наводно бил поврзан со нерасчистени лични односи и љубовен триаголник.
Медиумите пренесуваат дека за време на расправијата, маж со криминално досие со нож нападнал возрасна жена и маж кои биле во домот. Двајцата се здобиле со смртоносни повреди на самото место.
Сведок на целиот инцидент било 15-годишно девојче. За да избега од напаѓачот, таа скокнала од терасата на зградата. Податоците од истрагата укажуваат дека девојката немала траги на насилство, туку починала од сериозни повреди здобиени при падот. Според извори на медиумите, таа страдала од епилепсија.
По пријавата, на терен веднаш излегле полициски екипи и медицински лица, при што еден осомничен е уапсен. Локалните служби појаснуваат дека овој студентски дом инаку се користи за сместување на лица во тешки социјални ситуации.
Истрагата е во тек за да се утврдат точните мотиви и односи меѓу сите учесници во фаталниот конфликт.
