Жена во Србија паднала од носилка додека ја внесувале во амбулантно возило за транспорт до Брзата помош, подоцна починала
Повозрасна жена починала по инцидент што се случил при интервенција на Итната медицинска помош во Бачка Паланка, Србија, јавуваат локалните медиуми.
Според информациите, екипата на Брзата помош била повикана откако на жената ѝ се слошило за време на собир на пензионери во еден локал. Додека медицинските лица, со помош на присутните, ја изнесувале на носилка низ тесен влез, таа паднала на земја.
Медиумите наведуваат дека пациентката била поставена наопаку на носилката, поради што при преминување преку прагот почнала да се лизга и паднала, додека едната нога ѝ останала закачена на носилката.
По инцидентот жената била пренесена, но кратко време подоцна починала. Надлежните органи треба да ги утврдат сите околности под кои се случил настанот.
