Сараево го потресе двојно убиство во населбата Храсница, каде 43-годишниот Аднан Локванчиќ е осомничен дека ги убил со лопата својата мајка и брат во семејниот стан.
Полицијата го уапсила осомничениот на местото на злосторството, откако во станот биле пронајдени телата на две лица. Се работи за негови блиски роднини – мајка и брат.
Според неофицијални информации, осомничениот при разговорот со полицијата дал неповрзани изјави и тврдел дека ги „испратил на подобро место“.
Двојното убиство во Храсница, Сараево, според сведоштва на роднини и соседи, се случило во семејство кое со години живеело во тешки услови и голема сиромаштија.
Според информациите на босанските медиуми, семејството Локванчиќ по војната било иселено од стан, а тогаш таткото на осомничениот Аднан Локванчиќ извршил самоубиство пред членовите на семејството, оставајќи тешки трауми.
Роднини велат дека семејството никогаш целосно не се опоравило од трагедијата и дека живееле многу скромно. Соседите раскажуваат дека Аднан со години се грижел за болната мајка и братот и дека во зградата немале конфликти.
„Никој не очекуваше вакво нешто. Сите сме во шок“, изјавиле соседи, додавајќи дека непосредно пред злосторството ништо не укажувало дека може да се случи трагедија.
Адвокатот на Локванчиќ најави дека ќе побара невропсихијатриско вештачење, со цел да се утврди неговата психичка состојба.
Соседите велат дека семејството живеело тешко и дека осомничениот претходно се грижел за мајка му и брат му. Обвинителството продолжува со собирање докази за да ги утврди мотивот и сите околности на трагедијата.
