Трагично заврши патувањето на група верници од Србија кои се враќале од посета на манастирот Острог, откако минибусот со кој патувале се превртел во тешка сообраќајна несреќа кај местото Липци во Црна Гора.
Во несреќата загина 21-годишна девојка, а уште 17 патници се повредени. Според информациите од надлежните, минибусот се движел од правец на Никшиќ кон Липци, кога удрил во камена падина покрај патот и се превртел.
Повредените биле пренесени во болницата „Васо Ќуковиќ“ во Рисан, каде 14 лица се задржани на лекување. Петмина се на интензивна нега, а останатите се со посериозни повреди.
Директорот на болницата информира дека станува збор за државјани на Србија кои престојувале во колективен сместувачки капацитет во областа Бока и кои биле на молитвено патување во манастирот Острог. Несреќата се случила при нивното враќање од посетата на светилиштето.
Меѓу повредените има и деца. Едно дете било реанимирано по приемот во болница и е пренесено во Клиничкиот центар во Подгорица за понатамошно лекување. Лекарите соопштија дека едно дете е во потешка состојба, додека останатите се со полесни повреди.
Полицијата и обвинителството продолжуваат со истрагата за причините за несреќата. Првичните информации укажуваат дека возачот можеби бил уморен и поспан, но сите околности допрва треба да бидат утврдени.
