Истрага: Во Католичката црква на Франција од 1950 година имало најмалку десет илјади жртви на сексуално насилство

Според првичната проценка, независната комисија за сексуална злоупотреба во Црквата со која претседаваше Жан-Марк Сове првично го процени бројот на жртви на „најмалку три илјади“, но таа бројка може да достигне десет илјади, јави дописникот на МИА.

Извештајот на Жан-Марк Сове, кој треба да се појави на есен, со нетрпение го очекуваат жртвите. Според се уште привремената проценка, претседателот на независната комисија, избран од Католичката црква да го расветли сексуалното насилство извршено од 1950 година од страна на свештеници врз малолетни лица и ранливи луѓе, се оценува дека бројот на жртвите може да достигне „најмалку десет илјади“.

Независната комисија за сексуална злоупотреба во црквата (Сиасе) во јуни 2019 година првично го процени бројот на жртвите на „најмалку три илјади“, повикувајќи се на сведочењата преку телефонски разговори.

Но, овој „повик за сведочење не ја зеде во предвид целокупната бројка и можно е таа да достигне најмалку десет илјади“, изјави Жан-Марк Сове, претседател на оваа комисија, откако пред новинарите направи преглед на напредокот на неговата работа.

-Големото прашање кое е пред нас: колкав процент на жртви допревме? Дали се тоа 25 отсто (од жртвите) 10, пет отсто или помалку? Ова е дел од работата што во моментов се одвива во рамките на комисијата, додаде тој, прецизирајќи дека бројката од десет илјади ќе биде дополнително проверена.

Сове, во јуни, исто така, го процени бројот на сексуалните предатори на 1.500, но овој пат тој не даде проценка.

-Имаше вистински систем на злоупотреба во голем број католички институции или верски заедници, но во мал број. (…) Оваа ситуација претставува многу мало малцинство за случаите за кои станавме свесни , изјави тој.

Комисијата, формирана во 2018 година од епископијата и верските институти по неколку скандали, во моментов работи на истражување на разни архиви, интервјуа, студија на примерок од општата популација. Таа планира да ги достави своите резултати и препораките на крајот на септември. Поради епидемијата со Ковид-19, независната комисија ќе го објави својот извештај подоцна од првично закажаното, во есента 2021 година, наместо пролетта истата година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e