Собранието денеска на 112. седница, на предлог на премиерот Христијан Мицкоски во рамки на реконструкцијата на Владата ги разреши министрите за правда Игор Филков, за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, за односи меѓу заедниците Игор Стоиљковиќ, за здравство Азир Алиу, за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, за локална самоуправа Златко Перински, како и Шабан Салиу од функцијата министер без ресор.
Разрешени се и замениците министри за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и за култура и туризам Седат Сулејмани.
Пратеникот Борислав Крмов од Левица, говорејќи по првата точка на пленарната седница посветена на разрешувањето на министрите, праша зошто се менува министерот за земјоделство, ако работел добро.
Фото: Маја Јаневска Илиева
– Пратениците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ зборуваа за тоа какви резултати постигнал, како вовел ред во хаосот, колку било сега подобро во земјоделието од порано и слично. Прашањето е, ако е така, зошто сега го менуваме? Зборуваме за министер кој го донесе македонското земјоделие во колапс, којшто сега им должи околу 70 милиони евра неисплатени субвенции, 40 милиони евра субвенции скратени за 2026-та, којшто во моментот има криза за млекото, оризот, пченицата и јачменот…, рече Крмов.
