Колумна на Кире Наумов, претседател на комисијата за финансии на СДСМ за порталот Плусинфо.
Последен пат ти пишав вака отворено пред многу години кога ги објаснував твоите фрустрации со твоето образование. (Одмаздата на магистер Груевски). Тогаш те викав мое школско другарче. Сега единствено ти се обраќам како Кољо фантомка. Меѓувремено, не си докторирал, бидејќи твојот ментор од „УКИМ„ те одбил да ти потпише и докторат бидејќи доволно е што со магистратурата соучествувал со тебе во руинирањето на високото образование. За жал можеби доцна, но и тој прогнозирал дека наместо докторантска тога, тебе многу подобро ти прилега фантомка на главата. Но, таа твоја фрустрација е веќе многу неважна тема. Без многу филозофирање, директно и кратко ќе прогнозирам кои три опции ти следат и искрено, човечки ќе те советувам која е најреална и најдобра за тебе.
Кој со фантомка владее и сака да остане на власт, од фантомка завршува.
Доволно си параобразован за да знаеш од што е оваа парафраза. Знам недраг Кољо-фантомка дека ти се полни срцето додека гледаш како исплашено крварат пратениците пред налетот на твојата крволочна орда. Знам и дека не ти е право дека ако сакале, ама не сакале, можеле и да ги убијат. Но, знам и нешто друго. Знам дека за цело време, а посебно пред да заспиеш со помош на мноштвото хемикалии, постојано се замислуваш дека многу реално ти можеш да бидеш ТОЈ, кој така е опкружен од иста или слична поулавена маса. При тоа, ти не се плашиш дека тоа можат да бидат други актери. Ти се плашиш од истите фантомки кои ги раниш, плаќаш и им ги задоволуваш нивните ниски страсти веќе цела деценија. Знаеш дека се полусвет кој мораш да го газдуваш бидејќи веднаш ќе ти се навртат. И секако. Знаеш дека во ниту една варијанта, „оној Заев„ таков како што го дал баш Господ во кој искрено верува и има чиста душа, нема никогаш да дозволи да завршиш како твоите идоли, Чаушеску, Гадафи, Хусеин. Затоа веднаш да поминеме на втората опција.
И затворот е за луѓе Кољо.
Знаеш мој недраг Кољо – фантомка дека нема бегање од правдата кога и да е и каде и да е. Баба ми секогаш велеше дека и затворот е за луѓе. Сега знаеш дека и „оној Заев„ како што го пратил Господ не може и да сака да те аболицира бидејќи владеењето на правото е инсистирање од „многу погоре„. Можеш да бидеш релаксиран само дека за сигурно ќе имаш извонредно фер и транспарентна процедура, слична на онаа на Санадер. Она од четвртокот те внесува во ново дело ама знам дека ти можеш и полошо. Нека не те мами твојот близнак Вучиќ да влегуваш во полош филм. Испилени сте од слични татковци како Шешељ и Георгиевски и на исти начин преку фингиран внатрепартиски конфликт. Само на тебе и на Вучиќ ви одговара нов конфликт со „клетите Шиптари„. Вучиќ само така може да се извади пред својата националистичка орда дека не го продал Косово, а ти дека си во право за се околу „шиптарската платформа„. Ама тогаш, нему не му бега изборот помеѓу ќелијата на Милошевиќ или Шешељ во Хаг, а ти во онаа на Љубе бидејќи Тарчуловски заедно со тебе ќе си се врати на нему познатото место. Но, бидејќи верувам дека Албанците во регионов веќе се целосно созреани, да ја оставиме оваа и да одиме на најдобрата за тебе трета опција.
Здравството го сруши до темел но, верувај ми има сеуште многу добри доктори.
Те молам Кољо батали ги тоа гатачките и бајачките. Батали и тоа што ти кажува мајка ти Кољо. Мајка како мајка, никогаш нема да признае дека нејзиното чедо не е добро. Батали ги и оние што ти се прават блиски и што пред тебе викаат дека си цар, а надвор шушкаат дека треба да се консултираш со соодветни луѓе. Послушај го своето најтесно семејство. Посети доктор Кољо. Нема болест на овој свет која во 21-от век неможе добро да се третира. Ова не ти го кажувам цинично туку баш како паталец. Пред 5 месеци мислев дека никогаш нема да станам од кревет, а денес сум во подобра форма отколку пред тоа. Ако ништо друго Кољо, си ги слушал оние вицеви за луѓе кои се замислуваат дека се Наполеон, Цезар, Исус и сл. Размисли дали е во ред, еве само дали е во ред, да мислиш и после 11 години дека само ти можеш да ја водиш оваа држава на правиот пат, дека тоа мора да трае додека си жив, и дека секој друг би работел на нејзино распаѓање и уништување. Направи го тоа Кољо. Не за мене, не за сите оние што крвно ги мразиш како и мене, се разбира- доколку некој ти дозволи да го читаш ова. Направи го тоа за твоите деца и сопруга. Направи го тоа за оној што најмногу го сакаш. Направи го за тебе, затоа што тогаш веднаш ќе исчезнат првата и втората опција како невозможни.
Патем, Мухамед Али е одамна историја. Но, малку одмори дома и погледај што му се случи синоќа на Кличко.