Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Александар Лазаров – Цуна (41) од Кочани, откако тој минатата недела избега од полициската станица во Кочани додека бил задржан за распит.
Од МВР информираат дека Лазаров е баран по централна и меѓународна потерница по барање на Основниот суд во Кочани, поради сомнение за сторено кривично дело поврзано со неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Лазаров бил приведен откако во возило во кое се наоѓал била пронајдена бела прашкаста материја. Според досегашните информации, тој успеал да избега од полициските простории по еден ден од неговото задржување.
Од МВР потврдија дека се преземаат мерки за негово пронаоѓање, а распишувањето на меѓународната потерница укажува дека постои можност лицето да се наоѓа надвор од државата.
