Она што во моментов се случува на терен не е случајност. Катастрофалните откупни цени, падот на земјоделското производство, млечната криза низ која поминуваат сточарите во моментов, неизвесноста кај оризопроизводителите, проблемите на лозарите, доцнењето на субвенциите и игнорирањето на малите земјоделци – сето ова е директен резултат на немањето визија, знаење и чувство за реалните проблеми на луѓето кои ја хранат оваа земја.
Молкот на земјоделецот власта го чита како согласност. Трпението го чита како слабост. Стравот го чита како дозвола да продолжи исто.
Овој ресор не се води со прес-конференции и празни соопштенија. Не се води со договорени цени кои следниот ден не важат на откупниот пункт. Земјоделството се води со план, со систем, со навремена исплата, со сигурен откуп, со контрола на увозот и со почит кон човекот што секој ден работи на нива, во штала, во лозје, во оризово поле или во мандра.
Денес тој човек е оставен сам. Млекото се откупува по катастрофално ниски цени, а сточарите секој месец слушаат ново оправдување. Оризопроизводителите беа убедувани дека има договорена цена, а потоа се соочија со пад на откупот и цена која не ги покрива ниту основните трошоци. Лозарите слушаа за „историски договори”, а на крајот видоа мерки за винариите, а не за нив. Малите земјоделци, наместо поддршка, се туркаат надвор од системот преку нови прагови, нови услови и нови административни бариери.
Затоа мора јасно да се каже: ако земјоделците не излезат јавно и гласно да го искажат својот револт, ќе биде само полошо.
Ќе продолжат да им кажуваат дека проблемот е „привремен”. Ќе продолжат да им ветуваат дека „следниот месец” ќе има исплата. Ќе продолжат да ги убедуваат дека цената е договорена, додека на терен им нудат понижувачки износи. Ќе продолжат да им објаснуваат дека нема пари за субвенции, додека за политички приоритети пари секогаш се наоѓаат.
Ова повеќе не е прашање само на една партија или еден министер. Ова е прашање на опстанок. Ако денес пропадне малиот земјоделец, утре ќе пропадне селото. Ако денес се уништи домашното производство, утре ќе зависиме уште повеќе од увоз. Ако денес земјоделецот молчи, утре неговиот глас нема да биде потребен, затоа што нема да има кој да произведува.
Земјоделците не бараат милост. Бараат фер цена, редовна исплата и сигурен откуп. Бараат државата да застане зад домашното производство. Бараат институциите да работат за нив, а не против нив. Бараат почит за трудот од кој сите живееме.
Затоа време е сточарите, оризопроизводителите, лозарите, тутунарите и сите мали земјоделци да престанат да чекаат некој друг да зборува во нивно име. Никој нема да ја спаси нивната мака ако тие самите не ја направат видлива.
Ако денес земјоделецот не го крене гласот, утре ќе му ја намалат и цената, и субвенцијата, и парчето земја од кое живее.
А тогаш ќе биде доцна.

Пишува Гоце Георгиевски за Револуционер
