Операција „Резил“

Не знам дали сте забележале, но секогаш кога е густо, она кукавичко копиле е на „службен пат“, отсутен од државава, дава инструкции по телефон. Хорхе, од друга страна, толку се беше уплашил, што се откажа од сценариото за воведување вонредна состојба и решија со Маја да отворат конзерва говедско месо за вечера, со изминат рок, од воените резерви од подрумите на Јасен.

Мијалков го беше пратил сина си да се обидат, заедно со Чавков, со мокар ќибрит да го запалат Собранието, додека специјалната полиција успешно ги одбрани хермелините од оштетување, уредно паркирани зад сообраниската зграда, пред налетите на малата банда патриоти. Руската колона, на пат од Ниш, се беше запила и прејала од тоа кајмакот во Предејане, иако претходницата на Бетмен и Борис, со качулки на главите, постапуваа според упатствата и започнаа со демолирање на собраниското бифе. Дури и Ивона и Латас не пропуштија можност насмеани да се сликаат во некоја од искршените сали, за пригодно да ја овековечат својата длабока врска со злото кое извира од „заедничката Македонија“. Целата релевантна меѓународна заедница го поздрави изборот на новиот спикер Талат Џафери. Зијадин Села, за среќа, преживеа. А Зоран Заев, без претерување, влезе во легендите на македонската политика.

ЛИДЕРСКО ЗБОГУМ

Тоа е објективното резиме од случувањата на 27 април, Годината Господова 2017. Ова е точката од која на ВМРО-ДПМНЕ, документирано во директен телевизиски пренос и со стотина дополнителни онлајн видеа и илјадници фотографии, повеќе му нема спас. По којзнае кој пат во историјата на изминатите 27 години независност, се покажа дека оваа наводна наследничка на една некогашна револуционерна организација е, всушност, една збирштина од простаци и насилници кои, и во оваа прилика, тврдоглаво инсистираа да влезат на погрешната страна од историјата. Ги предводат такви политички аналфабети кои, тврдам, мислат дека „Зоки Поки“ се две книги.

Со последниве насилства во Собранието е ставена точка и на политичките кариери на такви политички злосторници како Груевски, Антонио-хер-Флик-Милошоски, Трајко Вељановски и слични, како и на дузина побезначајни дејци на злото од калибарчето на Илче Гебелс, некаков Муковски, некаков Минов и др. Пратениците, пак, како Емил-Тотален-Ноубади-Димитриев и уште еден број на забравам-им-го-името појави исчезнаа во тенката магла на политичкиот заборав пред и да стигнеме посериозно да се занимаваме со нивните политичко-кривични кариери. Останува да видиме само дали и кога „одборот за дочек“ во состав Јанкуловска-Јанакиески ќе им пожелат добредојде во казнено-корективните институции и на другите великани на овој насилен режим како Ставревски, Пешевски, Тодоров, Поповски, Канчевска-Милевска и др.

А знаете кога ќе има наредна „лидерска средба“ кај Иванов? Па, веројатно не пред да се утврдат околностите за неговото апсење. Потоа можеби и да се состанат лидерите на средба кај него за да му пожелат среќен пат за кај што е кинисан во последните две-три години наназад.

СПЕЦИЈАЛЦИ ВО ФАНТОМКИ

Сепак, што покажа оваа насилничка операција на ВМРО-ДПМНЕ, инспирирана, координирана и изведена во тесна соработка меѓу врвното партиско раководство, клучните неколку десетици активисти на Бетмен и Борис и спец-службите на македонското МВР?
Прво, стана јасно дека целата иницијатива е толку издишана, што партиско-невладиниве организатори веќе не се во состојба да соберат ни неколку илјади души за асолен упад во Собранието. Без поддршката од полициските специјалци во цивилка, пригодно маскирани со качулки на главите – кои, аматери, буквално се гушкаа со своите колеги, полициските специјалци распоредни во униформа за обезбедување на тревниците околу собраниската зграда – оваа бетмен-борисовска „цивилна“ формација, објективно, има максимална сила да искубе некоја пратеничка – и толку. Под услов да опнале две-три патриотски ракии пред тоа.

Второ, дали можеби заради првото, целиот план им се распадна – слично на неуспешниот турски пуч против Ердоган – веќе во вториот час од почетокот на операцијата. Па, ебати „професионалците“ како Чавков и Мијалков, што план сте направиле кога ни втората фаза не успеавте да ја активирате?! Вака ли се договаравте?! Џабе ли Грујо замина од земјата?! Што му се лутите сега на Хорхе што не прогласил вонредна состојба, кога вие не успеавте ни собраниската менза да ја запалите? Резил, ете тоа сте вие и за професијата и за татковината и за мафијата. Ни се смее, вџашен, цел свет, а и ние ви се смееме по сите скопски кафеани. Добро, признавам, има огорченост и во нашиот потсмев, што некако дозволивме да нѐ доведете до ова дереџе, бидејќи и нашата совест работи, па срамот од вашите постапки ни е заеднички, но силно нѐ грее помислата дека, конечно, ви доаѓа крајот!

А СЕГА: ИТНО ВЛАДА!

Трето, од петокот, после крвавата четврточка вечер, Македонија стана една од побезбедните држави на Балканот. Тоа ви е така со насилни операции кои ќе доживеат дебакл: нема втора шанса за да оставите прв впечаток. Сите организатори од бандата, од различни сектори на државните институции што изведоа вака неуспешен „народен“ бунт, од денес можете слободно да ги вработите за негувателки во градинка, бидејќи ќе си бидат умни џоа бебенца! Само, прво, да ја преживеат пресметката во сопствените редови, се разбира.

Четврто, и голем дел од домашната, и целата меѓународна заедница (минус Лавров, разбира се) веќе бара ИТНО формирање на нова влада и ИТНО воспоставување на правна држава. Мислам дека странциве ќе бараат и жестокост во процесите што следуваат, за превентивна регионална поука. А мислам дека ќе бидат подготвени, од истите поучни причини, таквата реформска политика и позначително да ја поддржат со финансиска и економска помош и соработка.
Сѐ на сѐ, оваа вознемирувачка и насилна, катарзична епизода само ќе ја „стегне“ неопходната политичка кохезија за крупните реформи што следуваат, бидејќи зафатот ќе мора да биде и длабок и широк, канцерот ќе мора да се исчисти од сите напреднати метастази. Заврши времето на „крем бруле“ политиката – цврсто одозгора, меко одоздола; новата влада ќе мора да спроведе реш-печени реформи, со сите непријатни мерки што се подразбираат. Еве, предлагам реформите да започнат со Марко Зврлевски, Јово Вангеловски и гувернерот Богов. На пример.

(Објавено во „Слободен печат“)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e