Им честитам на премиерите Зоран Заев и на Алексис Ципрас, како и на министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас за постигнувањето договор по 27 години имање спор за името на Република Македонија.
Им честитам за предлогот Република Северна Македонија, кој треба да биде и конечен откако ќе се завршат зацртаните чекори според временските рамки на договорот.
Мене таквиот предлог ми се допаѓа, особено зашто не беше за мене најпроблематичен делот со името, колку што беше со идентитетот, а особено со јазикот. Зашто идентитетот, културата, уметноста, традицијата и се’ што сметаме дека е код на еден народ се носи преку јазикот и тој никој не може да ни го одземе, каде и да сме, со кого и да сме и кога и да сме.
Особено му честитам на македонскиот премиер Зоран Заев, и на тимот околу него, за втурнувањето во нешто во кое досега од двете страни никој не сакаше да се стави директно в оган, за да не ја изгуби власта дома.
Но, ова е историски ден за нашата држава. И за Грција. Ова е историски ден за Балканот.
Ова посочува на постојаната желба на Македонија да наоѓа решенија без крв, особено во овој спор, почнувајќи уште од Киро Глигоров.
Постојаниот избор на нашиот народ од двата збора кои го сочинуваат името на овој полуостров (според фолклорната етимологија) – БАЛ и КАН, од коишто два збора – МЕД и КРВ (редоследно) е да го одбере медот, наместо крвта.
Патем, дека спорот за името ни е проблем за меѓународните сојузи како НАТО и ЕУ – ни е, тоа е неспорно. Дека од влезот во НАТО не’ двои само неговото решавање, и тоа е неспорно. Дека со влезот таму ни се гарантира територијалниот интегритет во услови на дестабилизација на Балканот, ни се гарантира. Но, да се размафтуваме наоколу со влезот во ЕУ кој би ни се гарантирал со промената на името, такви флоскули не. Влезот во ЕУ подразбира да не бидеме Тимјаник. А тоа нема врска со името во целост. Да не го вулгаризам до крај, но, да беше само името, ќе исчатевме со темјанот како светост и проблемот ќе беше решен. Ние мора да работиме со народот, за да може да бидеме дел од семејството на Европа, а не да бидеме Европејци надвор од неа, како што и сме.
Од друга страна сега, малку ми е дискутабилен делот со „македонското малцинство надвор од границите на државата“, но, мислам дека од тоа ќе се изроди некој помалечок спор, доколку на чело на „РСМ“ во иднина (таква би ни била кратенката тогаш) дојде конзервативна партија. Но, за тоа потоа сигурно ќе му ја мислиме. Така ни фунцкионира менталитетот на Балканот.
Патем, чекав некој од колегиве и колешкиве во прес-салата на Владата да праша зошто воопшто би имале референдум за името, кога целата меѓународна јавност – државите, институциите, сојузите… ќе бидат веќе известени како се викаме. Кога веќе се’ ќе се „заврши“, тогаш зошто би трошеле пари за референдум, кој и така ќе биде дискутабилен поради немањето попис на населението веќе 16 години, како што секој пат се истакнува по секои одржани избори во државата.
Мене не ми е јасно во целост за референдумот, па еве прашувам и јавно, може ќе ми помогне некој, или ќе ми одговори за да разберам, а и другите што го имаат како дилема.
На страна фактот, што технички гледано, ние веќе сега во моментот доцниме скоро 3-4 месеци, доколку планираме референдум за на есен, а притоа имаме и проблем со Државната Изборна Комисија.
На шега сега. За нас кои сме GoT-фанови е опаскава – сега на Интернетов низ сајтовите кога ќе се расправаат Грците во коментари ние ќе им пишуваме под секој од нив „THE NORTH REMEMBERS“! 🙂
И кога сме кај СЕВЕРОТ, датумот 12-ти јуни 2018 ќе се памети по две нешта во светски рамки, и двете за билатерални спорови кои влијаат на други дополнително, а поврзани со северот – конечното предлог-решение за спорот за името, Република Северна Македонија и договор-завршницата на Сингапурскиот Самит меѓу американскиот претседател Доналд Џ. Трамп и врховниот лидер на Демократска Народна Република Кореја Ким Џонг-ун.
ФБ статус на Огнен Јанески