Во тек е садењето на тутунот на македонските ниви и во време кога тутунарите ја имаат најголемата инвестиција се уште на нивните сметки немаат ниту денар на име на субвенции, реагираат од Националната мрежа на земјоделци, објави Телма.
Ѓорѓи Каракашев од оваа земјоделска мрежа вели дека истиот проблем со субвенциите го имаат сточарите и производителите на житни култури, кои за неколку дена ќе ја почнат и жетвата на јачменот. Забележува дека не се согласуваат и со новиот начин на исплата на субвенции, како и од висината на средствата.
„Со самата одлука, објавувањето на одлуката на Владата, ние Националната земјоделска мрежа кажавме дека не се согласуваме, затоа што и по обем се многу мали средствата, а исто така се и условени. Од оваа година се применува услов 30% од предаденото производство во регистриран откупен пункт. Во услови кога ние немаме гарантирани откупни цени, ние сме едноставно оставени на милост и немилост на трговците, кои одредуваат цени кои што се под производните цени“ – изјави Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа, пренесе Телма.
