НИТУ “З” ОД ЗЕМЈОДЕЛИЕ, НИТУ “Р” ОД РЕФОРМИ ИМА ВО ТВОЈОТ МАНДАТ МИНИСТРЕ ЦВЕТАН Остра реакција од Игор Мирчевски кон Трипуновски

Ниту „З“ од земјоделие, ниту „Р“ од реформи има во твојот двегодишен мандат, министре. Единственото во што очигледно сте успешни е манипулирањето на земјоделците, реагира Игор Мирчевски, поранешен координатор на новоформираните тутунарски здруженија

“Лесно беше од опозиција да ги убедувате земјоделците дека токму вие сте нивната надеж. Ги обиколувавте селата и градовите низ целата држава, ветувавте повисоки субвенции, повисоки откупни цени, забрана за увоз на тутун, транспарентност, отчетност и институции кои конечно ќе го слушаат гласот на земјоделецот. Ветувавте промени, а денес гледаме само изговори.
Што добија земјоделците за возврат? Арогантен однос, партизација на институциите и министерство претворено во клуб на послушници кои повеќе се грижат како да му угодат на министерот отколку како да му помогнат на земјоделецот. Наместо резултати, гледаме криминал, корупциски сомнежи и афери кои постојано излегуваат од најблиските кругови на раководството.
Нема визија, нема стратегија, нема знаење, а најмалку има желба да се запре пропаѓањето на најважниот производствен сектор во државата. Наместо да бидете заштитник на земјоделците кои ве донесоа на власт, вие одбравте да ги штитите интересите на увозниците, откупувачите, преработувачите и трговците кои со години профитираат на грбот на македонскиот земјоделец.
Резултатите се видливи на секој чекор: празни ниви, напуштени фарми, намалено производство и се поголемо незадоволство. Наместо средби со вистинските земјоделци, организирате состаноци со партиски избрани претставници со кои меѓусебно си делите пофалби и создавате лажна слика за успех.
На хартија прикажувате рекорди и напредок, а во реалноста не сте способни навреме да ги исплатите ниту субвенциите што законски им следуваат на земјоделците. Истовремено зборувате за економски успеси и европски стандарди, додека земјоделецот чека со месеци за пари кои одамна требало да бидат на неговата сметка.
Држава која издвојува едвај 1 до 1,5 проценти од буџетот за земјоделството нема право да се фали со аграрна политика. А партија која ги заборавила земјоделците веднаш штом дошла на власт нема право да се претставува како партија на земјоделците.
Завршната сметка е едноставна: ветивте надеж, донесовте разочарување; ветивте развој, донесовте стагнација; ветивте партнерство со земјоделците, а добивме потценување и игнорирање. Земјоделците паметат. И кога ќе дојде време за нова политичка сметка, нема да ве оценуваат според вашите прес-конференции и статистики, туку според празните ниви, затворените фарми и неисполнетите ветувања.
Ниту „З“ од земјоделие, ниту „Р“ од реформи има во твојот двегодишен мандат, министре. Единственото во што очигледно сте успешни е манипулирањето на земјоделците.” – напиша Мирчевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e