Трамп-првиот американски претседател отповикан двапати во еден мандат

Доналд Трамп стана првиот американски претседател во историјата на државата против кого двапати во еден мандат е спроведен процес на импичмент откако Претставничкиот дом го обвини за „поттикнување бунт“ за неговата улога во упадот на толпа негови приврзаници во Капитол минатата недела. Во упадот загинаа пет лица, меѓу кои и еден полицаец.

Долниот дом на Конгресот денеска гласаше со 232 наспроти 197 во корист на импичмент на претседателот по немирите во кои загинаа пет лица, а 10 републиканци им се придружија на сите демократи во гласањето за обвинување на Трамп.

Единствениот член за импичмент ќе биде испратен до Сенатот, каде претседателот во заминување се соочува со судски процес што ќе фрли сенка врз почетокот на претседателството на Џо Бајден и потенцијално ќе го спречи Трамп да се кандидира за оваа функција во иднина.

„Претседателот на САД го поттикна овој бунт, овој вооружен бунт против нашата заедничка земја“, рече Ненси Пелоси, демократски спикер на Претставничкиот дом, за време на повеќе од тричасовна дебата пред гласањето.

„Тој мора да си замине. Тој е јасна и присутна опасност за нацијата што сите ја сакаме“.

Досега ниту еден претседател на САД не бил „протеран“ од Белата куќа преку процесот на отповикување. Тројца – Трамп во 2019 година, Бил Клинтон во 1998 година и Ендру Џексон во 1868 година – беа отповикани во Претставничкиот дом, но беа ослободени од обвиненијата во Сенатот.

Републиканците кои гласаа за импичмент на Трамп беа предводени од Лиз Чејни, трета рангирана републиканка во Претставничкиот дом, која го потресе Вашингтон во вторникот вечерта, објавувајќи ја својата намера да се спротивстави на претседателот.

„Претседателот на САД ја повика оваа толпа, ја собра толпата и го запали пламенот на овој напад“, рече во изјавата Чејни, ќерка на поранешниот потпретседател Дик Чејни.

„Се што следеше беше негово дело“.

Иако таа не зборуваше за време на дебатата денеска, нејзините забелешки беа цитирани во повеќе наврати од демократите кои се залагаа за импичмент. Додека бројот на републиканци кои гласаа за обвинување на претседателот беше релативно мал, тоа беше значително зголемување во споредба со последниот импичмент на Трамп, кога никој од неговата партија не поддржа импичмент.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e