Тројца државјани на Косово – еден маж и две жени – се пронајдени починати во превртен автомобил на патот Скопје – ГП Блаце, соопшти МВР.
Според полицијата, несреќата била пријавена на 19 јули во 22:35 часот, кога било пријавено превртено возило „мерцедес“ со германски регистарски таблички. На местото полициските службеници ги пронашле трите безживотни тела, а лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт.
Претходно истиот ден, роднина на починатите пријавил во полиција дека изгубил контакт со нив, откако последен пат разговарал со нив на 18 јули околу 22:15 часот, кога се наоѓале на Меѓународниот аеродром Скопје.
По наредба на јавен обвинител, извршен е увид, а надлежните ги утврдуваат околностите под кои дошло до трагичната несреќа.
