По повеќенеделна изолација, жителите на Вухан излегоа да купат свежи намирници

Во кинескиот град Вухан, каде во декември изби првото жариште на коронавирусот, жителите полека излегуваат од домовите, со желба сами да купат свежи намирници по повеќенеделен живот во изолација, кој подразбирал и достава на храна.

Многу населби во градот сè уште се одвоени со двометарски високи пластични sидови, што беа подигнати на почетокот на кризата со цел физичка дистанца и изолација на заедниците. Поради тоа граѓаните на Вухан во целост се потпраа на испорака преку Интернет, пренесува Јаху њуз.

Во една населба, станарите и трговците сега тргуваат преку оградите. Купувачите, качени на столчиња, ја гледаат стоката која се продава, гласно прашувајќи ги трговците за цена, а потоа, со помошна апликации на мобилни телефони ја плаќаат стоката. – Побезбедно е да продаваме над овие барикади, вели еден сопственик на фарма за свињи.

Деновиве се отворени и некои супермаркети, а пред едниот имаше долг ред на клиенти на растојание од 1,5 метри, што се протегаше околу блоковите. Сите граѓани и натаму носат заштитни маски за лице.

Вухан се подготвува за укинување на изолацијата на 8 април, кога по првпат после 23 јануари на луѓето ќе им биде дозволено да излезат од градот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e