Лошото образование раѓа вандализам, античовечки и антицивилизациски дејствија, вели за Фактор професорот Душко Стојановски од гимназијата “Орце Николов”.
Крвавите насилства во Собранието покажаа дека во земјава се руинирани општествените вредности, дека има сериозен проблем со демократијата, критериумите, образованието кое наместо чесни и одговорни граѓани продуцира партиски послушници- вели професорот. Промени како што вели мора да има особено во образованието, бидејќи здраво општество се гради на образовни темели, а патот до изграден систем на вредности треба да се бара во квалитетот, а не во слепата послушност.
Одговорност за поттикнувањето на насилствата и нивното спроведување треба да понесат политичарите, директорите и наставниците кои отворено застанаа зад насилствата, тензиите.
“Секој нормален човек не може ништо друго да каже освен дека тоа што се случуваше во Собранието беше чист вандализам, античовечки, антицивилизациски чин. Најлошо во нашето општество е што наместо да се размислува за човечките вредности како што е среќата во една заедница и љубовта кон државата, луѓето се полни со омраза. Се што е различно од нив го ставаат во состојба на линч и осуда. Неистомислениците им сметаат и веднаш посегнуваат кон реваншизам, што остава лоша слика за земјата, за граѓаните”- вели професорот.
Тој долги години предава македонски јазик и литература во скопската гимназија. За него учениците се инспирација но и одговорност во какви личности ќе се изградат. За среќа вели дека има многу луѓе кои знаат што е вредноста и неа ја бараат во животот, во човекот. А тоа треба да се негува и да се чува.
“Токму тоа последниве десет, единаесет години се уништуваше. Во образовниот систем сериозно навлезе омразата, поделбата. Се создаваат личности кои се само пропаднати платеници, трговци кои незнаат на кој начин што би правеле туку да исполнуваат нечии болни замисли, да сеат страв и омраза. Тоа мора да престане. Во образованието треба да се создаваат вистинските вредности во една заедница. Жално е ако “вакви” вредности се раѓаат таму, тогаш навистина постои опасност да ја изгубиме државата”-потенцира професорот Стојановски.
Целиот текст прочитајте го тука