Откако ВМРО ДПМНЕ не успеа да формира влада по изборите од 11ти декември, таа партија ја третира Македонија како своја привремено окупирана територија. На таа територија војводите Илче Гебелс ,Антонио Хер Флик и Никола Поповски Мистер Бин објавија и некаков Манифест на нивниот Четврти Илинден пред Велигден. ,Со тој Манифест , таа револуционерна организација ги повикаа сите граѓани да се кренат на востание и да предизвикаат нови парламентарни избори за „конечно ослободување на земјата„.
Бидејќи наследниците на партизаните од СДСМ и од редовите на албанските етнички партии во Македонија, имаат ослободено голем дел од територијата на Македонија, би било логично тие на Велигден пред Илинден во некој манастир на ослободената територија, или во Пелинце на пример во околината на црвено Куманово да ги свикаат избраните делегати од сите делови на Македонија кои се мнозинство во новиот состав на Собранието и да го одржат Четвртото заседание на АСНОМ.(Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија).
Собранието би избрало своја комисија за именување, би избрало претседател на Собранието Влада и би донело свој Проглас за Европска Македонија.
На седницата на новото заседание на АСНОМ за време на Велигден може да бидат поканети гости од сите партии кои учествуваа на изборите и во своите програми бараа промени на власта, но и претставници на САД и ЕУ.
По одржувањето на новиот АСНОМ од САД и ЕУ треба да се побара признавање на новата власт во Македонија и помош во„ завршните операции за чистење на теренот„ по кои ќе има фер судење на воените злосторници и на воените профитери од поразениот режим
Можеби изгледа чудно ама не и невозможно. Барем ќе им се смени темата на Иванов и Груевски. Од барања за откажување на Платформата ќе бараат поништување и непризнавање на Одлуките на четвртиот АСНОМ. А ќе се тестираат и нивните закани.
По ова може да се организира и голем сенационален собир и прослава во чест на двегодишнината од одржувањето на големиот граѓански протест, кој беше одржан на 17ти април 2015 година под слоганот „Доаѓаме„. И да се прогласи амнестија на сите неправедно осудени во политичките процеси на поразениот режим. Или Трајко да се фати за уши:)
Ѓорѓи Спасов