Кога една држава е заробена од партија, кога институциите се заменети со параинституции, не е чудно што нејзиниот суверенитет ќе се обидат да го бранат параструктури, еден вид неформални служби во испомош за враќање на редот, мирот, дисциплината и патриотскиот морал во државата.
„Патриотските здруженија“ кои никнаа за потребите на моралната, логистичка и „физичка“ поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, сега претендираат да се претстават како единствен и спонтан патриотско-идеен мониторинг врз националното ткиво, и како брза, мобилна и народна одбранбена оператива. Нивното фемили фото од чинот на обединување во Македонски национален фронт, е повеќе од илјада зборови.
Има таму партиско-тетовирани бицепси, комитски бради и многу други иконографски дребулии типични за кампусот во кој овие претставници на „јагнешки бригади“ ја поминале обуката и досегашниот стаж. Не верувам дека некој од нив седел на главната политичка маса каде што се алиментира лојалноста, но ги има на сите „шведски маси“ кои асортиманот го црпат директно од народните пари – буџетот.
Се реваншираат за субвенции, партиски вработувања, социјални трансфери и други можности, со џвакање на приказната за големи заговори, за нападната држава однатре и однадвор, се ставаат на располагање да ги бранат интересите на своите ментори.
Тоа што денес некои наши сограѓани се стројат во парабригади е срам и неуспех за сите досегашни политички елити изминатите 25 години, не само на оние што ги хранат со преродбенички порции или трошки
Постои една нужна мерка на отпор и срам кон злоупотребата на социјалниот капитал на земјата и манипулацијата со него, кои за жал, не успеавме колективно да ги развиеме, бидејќи многу луѓе исклучиво од егзистенцијални причини влетаа „боси в трње“ во таа манипулација. Тоа што денес некои наши сограѓани се стројат во парабригади е срам и неуспех за сите досегашни политички елити изминатите 25 години, не само на оние што ги хранат со преродбенички порции или трошки.
Целата колумна на Катерина Блажевска објавена на Призма прочитајте ја тука.