Михајло Маневски, креаторот на вмровскиот правосуден систем, ја обнароди радосната вест дека на 30 јуни Специјалното јавно обвинителство заминува во историјата. Поранешниот министер за (не)правда ги израдува до солзи радосници граѓаните на Македонија дека на тој ден истекува рокот од 18 месеци за поднесување нови нарачани обвиненија против најчесната власт во историјата на Република Македонија од нејзиното постоење до денес, полни 73 години. Почесни, поскромни и подомаќини политичари на власт цели 11 години, Македонија немала, ниту пак некогаш ќе има. Маневски жизнерадосно ни соопштува дека по 30 јуни СЈО веќе не може да поведе предистражна или истражна постапка и не може да поднесува обвинение. Тоа е рок кој не може да се продолжи.
Алал вера. Боже, какво олеснување, каква радостија ја зафати цела Македонија. Нема веќе истраги и клевети на невини функционери со чисти раце. Предлагам на 30 јуни на сите плоштади низ државата да се одржат прослави. На градскиот плоштад во Скопје да има голема централна сенародна веселба до зори, да се слави победата на правото и правдата со 12 топовски плутони. Всушност, тоа ќе биде историски ден, спасовден, триумфален крај на операцијата за спасување на големите патриоти од врвот на власта, на народните заслужни дејци неправедно осомничени за повеќегодишно нарушување на човековите права и слободи со незаконско држење под надзор на над 20.000 граѓани. На 30 јуни престануваат да се поднесуваат нови обвиненија и истраги кои произлегуваат од прислушуваните разговори за кривични дела на осомничени за организиран криминал, за злосторничко здружување за изборни фалсификати, за баснословна корупција, за уништување туѓ имот, за нарачување судски пресуди против политички противници, за уништување државен имот, за насилство и закани и уште десетици тешки кривични дела кои спаѓаат во делот кривичното право, кој означува подривање на општествено-економскиот и политичкиот систем, кршење на Уставот и досега невидена злоупотреба на функциите и овластувањата. Тоа се навистина тешки обвиненија, кои ако продолжат и натаму да се поднесуваат, ќе треба судовите ништо друго да не работат со години, бидејќи ако се докаже половината од тоа за што веќе е отворена истрага, на осомничените ќе им треба по три животи за да ги отплатат гревовите што ги направиле.
Тогаш зошто Маневски ја обнародува оваа вест како првокласна сензација, иако е бајата повеќе од 16 месеци, практично е позната од денот на формирање на СЈО и неговото едногласно озаконување во Собранието. Одговорот е многу едноставен: поранешниот министер за правда, човекот кој го осакати правосудниот систем во сите инстанции и кој го стави под партиска контрола комплетното судство, влегува во завршната кампања на попречување на правдата и владеењето на правото со тоа што божем стручно и јавно докажува дека СЈО е нечија нарачка, иако е прифатена од сите релевантни политички парти и озаконето нејзиното работење едногласно во Собранието на Македонија. Со тоа Маневски се приклучува кон политичката и партиска активност на докажување на невиноста на осомничените политичари со пропаганда и со јавни настапи во контролираните медиуми, а не во судот.
Ова е најлицемерното и најдрско попречување на правдата со извртување на фактите само да се охрабри врвот на ВМРО-ДПМНЕ и да се влијае врз сведоците со застрашување дека еве готово е со СЈО кое заминува во историјата со незавршена работа, бидејќи тоа се политички нарачани обвиненија и истраги, па така наместо во суд треба да се угасат како ништо да не било, со завршување на мандатот за поднесување обвиненија и почнување на нови истраги. Односно со ослободување од сите обвиненија на осомничените и компромитирани политичари од највисокиот врв на власта.
Се разбира дека станува збор лесно видлива и прочитлива дрска лага и манипулација. Специјалното обвинителство останува уште долго во правосудниот систем на Македонија, поточно додека не си ја заврши својата работа за веќе поднесените обвиненија и истраги и за тие што допрва ќе ги поднесе до 30 јуни. А, најверојатно и потоа, ако биде поважна правдата од неправдата. Не само тоа, туку набргу по промената на власта, овластувањата на СЈО и нејзиниот мандат ќе бидат предмет на сериозна дебата во парламентот, каде што ќе се дознаат многу работи кога веќе не ќе може да се попречува правдата пред ослободените судови и обвинителства. Потребните две третини од гласовите за зголемување на овластувањата на СЈО може да ги обезбеди и ВМРО-ДПМНЕ, соочено со првите судски пресуди на ослободените судови од контрола и од притисоци. Многу работи ќе се сменат и во самото ВМРО-ДПМНЕ, кое ако не сака да оди во расуло, ќе мора да се соочи со тешките злоупотреби на своето раководство.
СЈО и според законот со кој е формирано и според надлежностите што ги има треба да си ја заврши работата за сите досега поднесени предмети и за тие што во наредните два и пол месеци ќе ги поднесе. Кога ќе престане притисокот врз судовите и обвинителствата, и кога во судските инстанции ќе дојде до промени за кои одлучува обичното парламентарно мнозинство, СЈО ќе се соочи со сериозна конкуренција од редовното јавно обвинителство, кое досега беше еден од најголемите попречувачи на процесуирање на предметите на СЈО во редовните судови.
Јавноста е запозната дека има извонредни професионални делители на правда меѓу судиите кои се оневозможени да судат за дела од областа на правото кое најдобро го знаат. Тие подолго време се преместени на несоодветни работни места. Сите тие со ослободување на судството од партиските стеги ќе се вратат на своите работни места во кривичниот суд и во специјалните одделенија за судски постапки за организиран криминал, перење пари, корупција и особено во делот за нарушување на човековите права и слободи, незаконско масовно и повеќегодишно прислушување на илјадници граѓани, јавни личности, функционери, министри, пратеници, претседател на државата, политичари, странски дипломати, новинари, деловни луѓе…
Залудни се обидите на Михајло Маневски со пропагандни пораки да се задржи стариот контролиран судски систем, во кој не е кривично гонет ниту еден политичар од врхушката на актуелната власт во изминатите 11 години. Тоа е чудо невидено, дури и за скандинавските земји кои се на врвот на скалата како најуспешни во сузбивањето на организираниот криминал и корупција. Во Данска, Шведска, Норвешка, Холандија има повеќе високи функционери кои се осудени за криминал и злоупотреба на овластувањата отколку во Македонија. Поточно, во Македонија нема ниту еден. Да не зборуваме за бројот на оставки во овие земји кои се поднесени под притисок на јавноста и по обелоденување на скандалите во медиумите. Во Македонија откако е ВМРО-ДПМНЕ на власт не е поднесена ниту една оставка на висок владин или партиски функционер затоа што бил, или е во средиштето на корупциска и криминална афера. Напротив, и тие оставки што се поднесени и од страна на поранешниот премиер Никола Груевски и неговите најблиски соработници се претставени во јавноста како изнудени поради меѓународен притисок врз невини луѓе.
Веќе на сите им е познато дека ако предметите на СЈО не добијат судска разврска од независни судови и судии, дефинитивно тоа е крај на државата, државен удар и јавно прогласување на Македонија за режим во рацете на власт која го укинува правото и правдата. Тоа би значело дека нема да дојде до промена на власта и покрај коалицијата на партиите кои имаат мнозинство во парламентот. Државата и натаму останува заробена. Ваквите памфлети на еден поранешен министер за правда кој го создал овој правен монструм ја потврдуваат тезата дека не е во прашање ниту одбраната на унитарноста на Македонија, ниту опасноста од федерализација и кантонизација, ниту зголемување на правата на Албанците во употребата на јазикот, ниту се работи за редефинирање на уставниот систем, ниту за промена на знамето, химната или уставното име на државата. Туку во прашање е тешка надземна и подземна војна за спасување осомничени функционери од независни и непристрасни судски постапки. Ништо друго.
Затоа правдата мора да победи. Иако задоцнетата правда стана голема неправда.
Колумна на Ерол Ризаов објавена во Утрински