Оглупи, поткупи, па владеј

Ако на мајмунот за милион години му успеа да стане човек, Груевски и ДПМНЕ за само десет години, од човекот пак направија мајмун. Милина. Примитивизмот кој секој ден го гледаме по улиците, на медиумите и во Собранието многу зборува за нас како поединци и народ. Лажни моралисти, граѓански неосвестени аналфабети, преплашени робови и есапџии од најдолен вид: Сите нека цркнат, само мене да ми е добро! Ако сите умрете, нема кој да ме затвори оти сум крадел! Државата ја давам, мојата банкарската сметка во Белизе, не ја давам!

И додека по улиците маршираат разни здруженија од „ќосиња“ со поцрвенети носиња, што од ракија, што од рујно вино, а може и од кока, облечени во црни маици и кошули со крстови од пола кило околу вратовите, формирани и финансирани од вмроизираната тајна служба, кои отворено му се закануваат со истребување на секој цивилизиран граѓанин на државава кој не мисли дека Македонија е нападната од Сорос и од странски жолти комбиња, во Собранието исто толку апсурдна драма. Пратениците од ВМРО си реплицираат самите на себе за да ја блокираат работата на Собранието, додека не истече мандатот на СЈО во јуни. За парите се работи. И за кожичката.

Претседавачот пак, Трајко Вељановски одбива да стане од своето столче, за пратениците од опозицијата да изберат нов претседател на Собранието. Опозиционерите џабе везат: Трајко стани! Кога Трајко не станува. А бе стани! Е не станувам! И тоа трае и трае и трае… Го чекаат изгледа да умре од природна смрт, за да го станат. Иако и тогаш, тешко ќе успеат да го одлепат од столчето. Двокомпонентниот лепак со кој е залепен за него е пресилен. Се вика: пари и власт.

Во меѓувреме и Ѓорѓе васкресе. Ваистина васкресе. Секогаш воскреснува со нова глупост. Само овојпат, попатно, така го закопа својот шеф Груевски, што и гробар би му позавидел. За странски медиум изјави: Коалицијата меѓу ДПМНЕ и ДУИ беше завршена работа, кога поѕвони телефонот и некој мистериозен глас нареди да ја раскинат! Со ова Ѓорѓе Иванов призна дека црвено-жолтата линија на тврдокорните ја папала маца, зашто Груевски со радост ја прифатил Тиранската платформа со двојазичност на цела територија, ама некој им се јавил на Албанците и им рекол: I don’t give a fuck што Груевски ви ја прифатил платформата, вие нема да го прифатите него.

Не дека нема вистина во тоа дека некој се јавил, зашто знаеме многу добро со кого Албанците најмногу гугукаат по телефон кога е криза во државава, но она што фасцинира е умисленоста на Иванов дека е херој кој открива дека вистина постои страшен заговор на светот против Македонија, кој ни завидува на нашиот потенцијал за раст во секоја смисла, па сака да не уништи. И згора на се, со триумфална озареност на тапоглавец кој фантазира дека ги знае најголемите светски геополитички тајни, кои никој друг не ги знае, ни порача, сами да откриеме кој се јавил. Ви велам, таква дилајла, мајка уште еднаш не раѓа. Само штета што освен нас, цел свет го знае истото. Дека Иванов е најглупавиот претседател на Балканот во последниве години. Ем е шуто, ем боде.

Но, треба да се биде оптимист. ДПМНЕ на чело со Груевски се распаѓа одвантре. Се разоткрија како крадци, лажговци и садисти. Секоја нивна патриотска кампања нанесе тежок срам за Македонија во локални, регионални и светски рамки. Настрана тоа што е грабеж, Скопје 2014 е најголемиот културен фалсификат во Европа на сите времиња. Заради него ни се смеат светски признати, архитекти, историчари на уметност, уметници и естети, а во политичка смисла, заради тој проект, ги загубивме добрите преговарачки позиции што ги имавме во спорот за името со Грција и им покажавме на европските и американските политичари кои дотогаш со симпатии гледаа кон нас, дека сме потешки будали и националисти од Грците.

Кампањата „Знаењето е моќ“ и нов универзитет на секое средсело, во збир со сите десертни вмровски реформи во образованието и со јаготката на врвот наречена „екстерно“, на крајот испорачаа поразителен факт дека во поглед на писменоста, од седумдесет тестирани земји, ние сме на завидното 68 место, со две третини функционално неписмена младинци. Тоа значи дека нашата младина чита ко со три кнедли во грлото, по математика тешко собира, освен ако не собира овци по бачила и митинзи и по некој лајк на фејсбук, а од биологија знае само дека тревата е најсвежа за пасење кога е зелена.

Кампањата „Имај трето дете“, мутираше во „После сите три прати ги во туѓина, ако немаат вмровска партиска книшка“. Кампањата „Осмели се! Почни свој бизнис!“, стана „Почни свој бизнис, за ние да ти го затвориме!“ Оние безброј странски инвестиции што ги најавуваа, не беа безброј, беа неколку и не беа странски, туку власта практично субвенционираше странски компании да дојдат кај нас, да отворат фабриче за да ја користат најефтината европска работна сила, како што еднаш Груевски ги опиша македонските работници, со цел да го максимализираат профитот. Девет илјади денари само за Груевски е плата, за секој човек со достоинство, тоа е понижување.

Ама достоинствените овде, сега се во дефицит. Поголемиот дел Груевски ги избрка со своите фушерајски дела и со својата амбиција преку тотална партизација да ја контролира цела држава, за да ја скрие својата неспособност и незгасливата жед непристојно да се богати на штета на сите нас. Ниту еден миг за време на своето владеење, Груевски не помисли да создаде стабилна, просперитетна Македонија и вистински образувана, ситуирана, достоинствена, демократски и граѓански освестена индивидуа. Нему не му беше важно да ги научи граѓаните сами да ловат риба, туку да ги направи потполно зависни, да коленичат пред него за да им фрли, не риба, туку трошки. Во неговиот диктаторски речник не постои зборот ЛИЧНОСТ или ПОЕДИНЕЦ, туку само НАРОД. Устата постојано му е преполна со тој народ, кој и не е некој народ, туку заслепена толпа негови клиенти, купени за малку или за многу пари. Зависи кој со колку се задоволил и колкава корист видел од него Груевски за да ограби што повеќе под маската на патриотизмот.

И сега, тие целосно обезличени, заглупавени, осиромашени, понижени и разчовечени поединци, без никаков морален компас, подложни на најефтини, но многу опасни манипулации, се втерани во толпа, водена од хушкачи и полициски доушници кои сакаат крв и би гинеле за Груевски и Мијалков, додека тие и понатаму го тераат магарето, по старо. Испумпуваат државни пари на егзотични острови и отвораат бензиски пумпи.

Целата колумна на актерот Сашо Тасевски објавена на Ливада.мк, прочитајте ја тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e