Костовски: Кога би имале доблест, уште при првата „бомба“ ќе си дадеа оставки, а тие три години упорно се борат

Пораките што стигнуваат од ЕУ повикуваат на демократски принципи, здрав разум, пристојност. Могерини, Хан и Туск го повикаа претседателот на покаже лидерство, во спротивно ќе следи замрзнување на европската поддршка. Сметате ли дека ќе преовлада разумот?

Посетата на Могерини, Хан и Туск говори за загриженоста за регионот, кој може да се претвори во жариште. Пораките се сосема јасни, ние треба да преземеме чекори за кои ќе одговараме пред идните генерации. Веќе трета година дозволуваме криминалот да се штити со сите можни законски и незаконски инструменти. Кога би имало луѓе со доблест, уште при првата „бомба“ ќе си дадеа оставки, а тие три години упорно се борат. Овие луѓе по се’ изгледа не спијат, не затоа што и’ мислат добро на државата, туку затоа што сакаат да се извлечат од она во што самите се вовлекоа. И јас сум бил градоначалник, знам што значи да си власт, апсолутно касата ти е отворена, но твој избор е дали ќе земеш од таа каса или со тие пари ќе направиш добри работи за граѓаните. Здравиот разум во овој случај не може да дојде до израз, од наездата на глупости. Ѓорге Иванов не е случајна фигура, тој беше промовиран како претседател на една политичка партија, и тоа го одработува докрај. Иако тој треба да биде татко на целата нација, тој во мометов води сметка само за една клика, за неколкумина партиски луѓе.

Реплики, контрареплики, Собранието е заглавено и не може да се конституира. Дали пратениците размислуваат воопшто за иднината на државата или ги штитат само сопствените интереси и оние на партијата? Какви се Вашите прогнози, во кој правец ќе се движат работите: парламентарното мнозинство да формира влада или нови избори ?

Да, сведоци сме на голем број реплики, контрареплики, без краен ефект. Се прашувам дали навистина имаме пратеници во Собранието, со морал, етика и кредибилитет или имаме од граѓаните избрани пратеници кои ги штитат теснопартиските интереси, и тоа интереси на поединци ставајќи ги во заден план интересите на државата, а посебно граѓаните. Излез од овој ќор-сокак мора да има. Мора да се формира нова влада на која ќе и’ се даде мандат да ги решава веќе наталожените проблеми кон нашето евроатлантско приближување. Доколку не покажат резултати, секако ќе ги смениме во согласност со Уставот. Но, секаква размисла во овој момент за нови предвремени, парламентарни избори е непродуктивна и ќе значи нов вовед во уште подлабока политичка криза. Излез постои во секој момент, само ни требаат здрави личности со висока одлучност, кои ќе преземат чекори да се пресече оваа смешна ситуација во парламентот. Лидерот на парламентарното мнозинство премногу ја одолжува работата, без да преземе одважни чекори, за кои историјата или ќе го велича или ќе го суди, но тој е тој кој треба да преземе одлучен чекор. Бидејќи оваа ситуација е неподнослива.

Како гледате на протестите на „За заедничка Македонија“, дали повиците за одбрана на Македонија може да бидат вовед во опасно сценарио?

Кај организаторите на овие протести не можам да ја сфатам суштината: Најавуваат дека Македонија ќе се федерализира, сакале да ја сочуваат унитарноста на Македонија. Јас би ги прашал едно прашање. Како се сочувува унитарноста, а истовремено ќе им одговорам. Унитарноста се гради, тоа е долг процес. Како може да го опишат чувството кога патуваат од Кичево – Охрид во нашата унитарна Македонија, каде што на ниедно видно место или бензинска пумпа не е закачено македонско знаме, додека албанското, косовското, американското и европското се во голема мера застапени. Дали кога тие патуваат низ тој предел чувствуваат како да патуваат низ сопствената или низ туѓа земја. Соживотот мора да биде приоритет со цел да добијам лојален Албанец како граѓанин на Македонија. Да се чувствува како вистински патриот на оваа земја. Виновниците за ваквите поделби ги лоцирам во високите политички елити во двата блока. Дајте веќе еднаш да си подадеме вистински рака еден на друг, меѓу сите сограѓани на Македонија, без разлика на верска и национална припадност. Дајте да изградиме вистинска држава за нашите идни поколенија.

Дел од колумната на Трифун Костовски за Утрински Весник

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e