Ви пренесуваме дел од колумната на Горан Михајловски за СДК:
Ние сме лудаци. Мора да сме сите навистина луди, штом уште му дозволуваме на Ѓорге Иванов да ни дрнда некакви приказни за државата, за унитарноста, за тирански платформи… Па уште чекал гаранции… Па Заев уште и со сиот ум го усогласувал текстот со кабинетот на претседателот, за да му го спасат образот на Ѓоле да можел да го даде мандатот. Тоа било втор обид да го вразумеле да постапи според Уставот. Што се обидува Заев? Тие сакаа да го убијат, а тој уште им се правда дека не успеале да го убијат.
Со кого усогласува текст? Со некој што на 27 април седел дома во влечки и чекал да падне крв за да ја извади војската на улица? Со некој што смислил план заедно со полицијата да му го расчисти теренот на партискиот шеф триумфалистички да се врати од службен пат од Виена, за да може заедно со Чавков и Зврлевски во „ослободена територија“ да апсат сè што не мисли како нив?
Какви гаранции бара Иванов по 27 април? Од кого бара гаранции? Од Заев и од Села, за кои насилниците регрутирани од Министерството за култура и логистички опремени од Министерството за внатрешни работи се каат дека не успеале доволно да им ги скршат главите за да ги убијат? Како бре, Заев мисли да оди кај претседателот, кога тој бил еден од авторите на сценариото во кое баш мртвиот Заев требаше да биде оправдание за Иванов да го зададе конечниот удар, со кој ќе ги спасеше неговите, па и себеси од затвор.
Доста веќе Иванов нè маѓепсува со таа приказна за гаранциите. И со одбројување датуми кога требало да го даде мандатот и со смешни приказни за Службениот весник и со анализи и експертизи по телевизиски дебати. Какви гаранции да му дадат тие што одвај спасија жива глава од него? Партиска меница ли да му потпишат? Треба ли Заев и Шеќеринска по три кила крв да депонираат? И коса од главата, наместо фантомки за „народот што не може да се контролира“? Оти малку крв се пролеа вечерта на 27 април. Или Зијадин Села како гаранција на Иванов треба треба да му ја даде душата? Оти не успеаја да му ја извадат со тепањето во Собранието.
Или можеби нивните некролози ќе беа најсигурните гаранции.
Целата колумна на СДК на следниот линк.