„И ѓаволот не го јаде својот род“!?

Убаво вели колегата Тричковски: За нас се e запад, од сите страни сме сардисани со запад, што во геогравска, што во преносна смисла. А, кога и Србија, дефинитвно, ќе го исклучи трепкачот: Покажувај – Москва, а фурај  – Брисел, тогаш за Македонија, ќе нема четири страни на светот: Компасот ќе покажува само запад!

Додуша, има и кај нас славо носталгичари, кои не ја научиле српската клетва: “Да Бог да да ти запад буде непријатељ, а исток (Москва) пријатељ!”. Ама, и  како да се вртиме – Албанија, ви е постојано запад! Нашиот запад, откако Албанија се смести во НАТО, крстејќи му се на  Вашингтон, но и на Брисел (виа сестра Меркел!), во економска смисла и навистина ќе биде запад! За се друго, на нашиот запад – ништо ново! Ништо ново и кај нас, така што, во политичка смисла,  делуваме како сврзани садови, изостанува уште апсолутната согласност: Каде е бетер!?

Нивниот опозициски лидер Лулзим Баша, вели дека политичката ситуација кај нив е полоша, отколку во Македонија. Дали тој навистина така мисли, или само пренесува што му кажал Сали Бериша и не е многу битно. За јуни се закажани општи парламентарни избори, опозицијата не го пријави своето учество до предвидениот рок.

Лидерот на владеачката СП и премиер Еди Рама, решен е да оди сам на избори!? Моментално Социјалистите викат: Со опозицијата, или без нејзе, избори на 18 јини ќе има. Опозицијата возвраќа: Aко нема техничка влада,. нема избори! Социјалистите на Рама повторуваат : За се може да преговараме со Демократите, во врска со изборниот законик и изборите, но не и за техничка влада. Илир Мета, сега засега, игра и на едната и на другата страна! Еднаш вели избори треба да има еднаш, другпат –  без опозиција не може да има избори! Еу и Сад упатуваат критики, засега, само кон Демократите, иако не се воодушевени и од Рама што во последно време си ги пушта рачињата-прекугранично!

Некаква пат позиција, од македонски тип, или како што милува Александар Велики Вучиќ – македонско сценарио! Ако Рама оди сам на избори, ќе победи, но тоа ќе биде пирова победа! Засега нема знаци за некакво повлекување. Напротив, нималку случајно, токму сега ја обзнани одлуката на владата и во парламентот го пушти предлог законот за заштита на националните малцинства. Но што ќе биде после победата? Победи, нели, и ВМРО ДПМНЕ, ама, аш влада! Сега се крсти во нови избори, како што утре Еди Рама, ќе се крсти на неговиот запад, да му ги признае изборите, што нема да биде лесно. Дури и неговиот министер за правда, Петрит Васили, вели дека „со избори без опозицијата, земјата ризикува да падне во автократија“!Многу Ердогановци сега ќе се намножат по Балканите!

Останува, да се најде некаква можност, Вашингтон и Брисел да го премислат Сали Бериша, што е тешко ако се знае неговата нарав, или да го притиснат Рама, да прифати одложување на изборите (ако веќе му е тешко да прифати техничка влада, односно “однапред да потпише оставка!”) и да направи отстапки, кои опозицијата ќе ја внесат во изборниот процес, за кој Лулзим Баша отворено вели дека и не се избори со премиер „кој е главен командант на нарко-армија“! Се друго е некаква пат позиција, некаков безизлез.

На Брисел и Вашингтон, потпрена е и нашата опозиција, која се најде во риплиевска ситуација, досега непозната во демократскиот свет: Да има парламентрано мнозинство, но малцинството (ВМРО ДПМНЕ) да не и го дозволува тоа право и стекната обврска пред гласачите!? Можеби ќе прозвучам ептем песимистички, но се ми се чини, дека, на линијата на сврзаните садови Скопје – Тирана, токму кај нас, наспроти ставот на албанскиот опозициски лидер, ситуацијата е бетер!

Дури и нешто уште полошо. Ние, ако разумот сепак не проработи,  ќе се доведеме во ситуација, нашата политичка разврска, да зависи од разврската во Албанија! И да е последователна, што е најлошата опција. Имено, ние сме во своевиден апсурд, да не речам кошмар. Од една страна, оној без кого не се може, Али Ахмети, сеуште е  актуелен партнер со сеуште актуелната- каква таква влада, ама, истовремено и парламентарен партнер со сеуште актуелната опозиција, иако е веќе владеачко мнозинство во парламентот!? Повторно ситуација за Рипли! Дали Ахмети тргнал по онаа нароидната: Нов бунар копај, на стариот не плукај, или игра на картата и чифт и тек – да е по негово!? Срцевината на сето тоа политиканско замешателство, е платформата, сеедно дали е таа тиранска, или е само скопска декларација, заверена кај Еди Рама, во Тирана! Од лисјата не се гледа шумата, односно од формата не се гледа суштината!

По моето скромно препознавање на нештата, суштината е една искреирана ситуација, можеби и со надворешно замешателство, пресметано Али Ахмети да го крене на нозе после политичкиот нокдаун во рингот, малку да му ја задоволи суетата (со малку “казничка” за оној кој му ги зеде “неговите” албански гласови, а сега треба да му биде партнер!?) и, конечно, на сеалбански план, сепак тој да биде третата нога од пиростијата: Тирана – Приштина – Скопје, во што му успеа и БЕСА да ја стави на своето конто.Од тука, натаму, пак, сите заедно да завршат на изборното конто на Еди Рама, како нов стожер на сеалбанската комуникација, односно (ублажената формулација!) единствениот културен и национален простор!

Умни Албанци од Македонија, како на пример, академик Старова, професорот Биљали, или,  уште поконкретно, академик Беџети, ја препознаваат и дијагнозата и јасно го кажуваат лекот, за излез од македонскиот ќорсокак. Од платформата да се откажат тие што ја создадоа (Али Ахмети), а не Заев, како што бара Груевски, кој, пак, од аспект на Платформата, е “загрижен за Македонија” колку за ланскиот снег! Се крсти во “Тиранската” секоја вечер пред легнување, затоа што токму таа го реанимира и  го врати од клиничката политичка смрт! Дамовски и Бетмен, заедно со преторијанските платеници на Канчевска-Милевска, се само лисјата за да не ја видиме шумата!?

Но, тоа што го предлагаат умните учени, не им одговара на вештите и неодговорни политичари, кои со месеци одмеруваа на која страна ќе застанат, па сега се фемкаат со некакви нови собирања и лидерски средби (за што, всушност, сонува Груевски!) и натаму “ем им се иска- ем им се стиска”!Сработија, колку што сработија во Македонија, сега ќе поработаат малку на изборниот резултат на Еди Рама, а во мегувреме ќе се премислуваат “за подома“!

Имено, ако Еди Рама, беше тој што на платформата ја закачи дури и (на Али Ахмети-бесната БЕСА), тогаш повторно тој е последниот што ќе биде прашан, за евентуалното повлекување на истата! Во сегашната ситуација, ако изборите, сепак, се одржат во Албанија, тоа за него би било политичко самоубиство. Ахмети, Села, Тачи, Острени, и не само тие, секако, не се оние кои би направиле нешто слично на “братоубиство”! Вртејќи околу Платформата, Рама вели дека Албанците во Македонија имаат „целосно право да бараат еднаквост со нивните македонски браќа“. Ако сме навистина толку рода, Тогаш Рама би морал да ја знае албанската поговорка: “И ѓаволот не го јаде својот род”!?

Веле Митаноски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e