Емилија Лазаревска: ГАРАНЦИИ

Ова со гаранциите е лудо. Како тоа ќе му се даваат гаранции на Иванов, па макар ја извршувал и функцијата Претседател? Каде, во кој правен акт пишува дека тој има право да бара такво нешто и кој досега давал гаранции дека ќе ја чува унитарноста, независноста или било што друго на државата? Се колнат, се обврзуваат, се грижат, изјавуваат дека ќе ги бранат, штитат, но кој досега тоа го гарантирал? Независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет, се штитат, не се гарантираат. Оти никој не може да гарантира дека тие нема да бидат предмет на некаков обид за преврат, државен удар или пак агресија. Во таков случај, одговорните, политичарите на функција се грижат да ги зачуваат, ги бранат со сите законски расположиви средства, ги бранат ако треба и со сила, војска, полиција. Никој не гарантира, бидејќи никој и не може да биде стопроцентно сигурен дека за сето тоа нема да има обид да се наруши.

Што е Македонија, фрижидер, шпорет, бојлер, па ако се расипе, ќе ја заменат? И што ќе повлече неисполнувањето на гаранцијата ? Ќе има ли клаузула во гарантното писмо за одговорноста на тој што гарантира во таков случај? Зошто за Иванов , Груевски и сите пред него биле доволни нивните свечени изјави и потписи за што ќе се грижат и што ќе штитат од позиции на своите функции, а сега Ѓорге Иванов ја злоупотребува својата позиција да ја држи целата држава во заложништво? Ќе одговара ли тој за тоа? Дали  некој може нам, на граѓаните, да ни го гарантира тоа?

Да видиме на што се обврзал Ѓорге Иванов кога дал свечена изјава како Претседател на Македонија:

,,Како Претседател на РМ изјавувам дека функцијата ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го штитам суверенитетот , територијалниот интегритет и независноста на РМ“ е свечената изјава што ја дал Иванов при неговата инаугурација. И толку. Зошто тогаш тој не се заколнал дека ќе ја гарантира унитарноста на Македонија?

Понатаму, во Уставот како негови обврски и должност меѓу другото се наведува дека:

-го определува мандатот за состав на Владата на Република Македонија;

– ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и пратениците на Република Македонија во странство;

– ги прима акредитивните и отповиковните писма на странските дипломатски претставници;

– предлага двајца судии на Уставниот суд на Република Македонија:

-предлага двајца членови на Републичкиот судски совет;

– именува тројца членови на Советот за безбедност на Република Македонија;

– ги предлага членовите на Советот за меѓунационални односи;

– именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон;

– доделува одликувања и признанија во согласност со закон;

-дава помилувања согласно Устав и закон. И толку.

Она што се гарантира со Устав се човековите и лични права:

-Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање.
Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.

Сите овие со Устав гарантирани права што ги имаме како поединци, не ни се овозможени, во голема мера ни се ускратени и ние не можеме да си ги оствариме. А државата гарантирала за нив. Па, сега прашувам, што да направиме ние како граѓани? Кому да се обратиме, кој ќе одговара затоа што заради слободно изразена мисла, сме биле цел на одмазда , тортура, дискриминација? Кој ќе одговара затоа што стотици, илјадници граѓани заради несогласување со режимската власт на ВМРО ДПМНЕ и партизираните институции, не можеле да се вработат или биле избркани од работа?

Кому да се обратиме и како да го оствариме своето право како граѓани, затоа што се уште сме жртви на лудачкиот и поданички однос на Претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој се обврзал да биде Претседател на сите граѓани, а беше само на врхушката на ВМРО ДПМНЕ и на нивните поддржувачи?

Затоа, оваа невидена фарса што ја гледаме и на која сме жртви, има само една крајна цел на креаторите. Да опструираат, одолговлекуваат, да го пролонгираат моментот кога  треба да се простат Груевски и неговите инсталации од своите позиции, привилегии, функции и тие што згрешиле да одговараат  пред лицето на правдата, но и пред тие што ги гласале. Имаат цел зад себе да остават пустош.

Треба да одговараат за целата зла крв што ја пуштија меѓу луѓето, омразата што ја произведоа, поделеноста, нетрпеливоста, не само за кражбата на Македонија.

Треба да одговараат.

Дали нам тоа некој може да ни го гарантира?

 

Емилија Лазаревска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e