Чесни луѓе, вистински но изманипулирани патриоти… сакам да ви порачам нешто

И покрај се, знам дека ве има многу. Чесни и искрени но изманипулирани. Затоа сакам да ви порачам нешто.

Присуството на протестите не е вистинскиот начин да се брани татковината. Колку во овој момент и да ви изгледа дека сте во право – вие сепак не сте во право. Да, можеби унитарноста е загрозена но не на начинот на кој ве убедуваат. Да, можеби унитарноста треба да се брани, но не на начинот на кој ве повикуваат. Верувајте ми, знам подобро од повеќето вас.

Затоа, чесни луѓе и изманипулирани патриоти!
Ве повикувам да не излегувате на протести чија цел е одбрана на криминалци, не излегувајте на протести чија цел е одбрана на лажни патриоти. Лажни патриоти кои со години наназад ја продаваат нашата држава а богами добар дел од неа купија и тие со од нас украдените пари. Сетете се само кои и колкави отстапки кон ДУИ направи токму лажниот патриот Никола Груевски. Доколку сепак не можете да се сетете отворете Гугл, напишете “Стојанче Ангелов Достоинство албански екстремизам“ и прочитајте. И сега истиот тој Груевски ве убедува дека Македонија е загрозена токму од неговиот довчерашен, десетгодишен партнер. А додека Груевски беше во политичка љубов со Али, дотогаш Али не ја загрозуваше Македонија, дотогаш Али беше ОК.

Чесни луѓе и изманипулирани патриоти!
Не излегувајте на протести после кои, доколку работата тргне на лошо, Груевски ќе се откаже од вас. Ќе се откаже од вас правдајки се дека е против насилство а дека вие, а не тој, сте насилни, дека вие, а не тој, сте виновни за насилствата, дека вие, а не тој, сте виновни за скршените глави, дека вие а не тој, сте виновни за можната смрт на некој од пратениците, полицајците или граѓаните.

Чесни луѓе, изманипулирани патриоти!
Исто како што Груевски деновиве се откажа од првите уапсени од вас, така утре ќе се откаже и од следните уапсени од вас! Ќе ве остави на цедило, во затвор, без вашите семејства и деца, дури и без пари за адвокат. Додека вие ќе гниете во затвор, тој ќе се обидува да ја летне некаде на сигурно за да ги троши на раат милионите украдени од нас.

Вистински но изманипулирани патриоти!
Имам понуда до вас. Останете дома, не одете на протести, не влегувајте во нивниот криминален филм. Да! Македонија е загрозена но не начинот на кој тие ви кажуваат на вас. Да!
Македонија треба да се брани но не на начинот на кој тие ве лажат вас. Не` со протести, не` со спречување на формирање Влада. Македонија најсигурно ќе се одбрани ако се формира нова реформска Влада без разлика колкави ќе бидат реалните реформи. Македонија најсигурно ќе се одбрани со нејзиното влегување во НАТО бидејки дури тогаш нашите граници ќе бидат како бетон. Македонија најсигурно ќе се одбрани со влегување во Европската Унија бидејки дури тогаш сите Македонци ќе живеат во една Унија а границите помеѓу нас Македонците ќе можат да се минат без никаков пасош. Сите Македонци од Балканот во една Унија, сите Македонци од Балканот во Европската Унија.

За крај, доколку утре некој, било кој, вистински го загрози територијалниот интегритет и независност на Република Македонија, јас ќе дојдам прв и ќе застанам до вас. Рамо до рамо со вас. Доколку е потребно ќе застанам и пред вас. Ќе застанам пред вас за одбрана на татковината. Вистинска одбрана со пушки, бомби и пиштоли, а не фиктивна одбрана со свирчиња, ленти и мегафони. Вистинска одбрана со искусни воини и херои а не одбрана со режисери, глумци, оперски пејачи, криминалци и насилници.

П.С. Овој повик се однесува само на чесните и изманипулирани патриоти а не и на оние кои на протести одат поради личен интерес, вработувања, функции и пари.

Стојанче Ангелов – Фејсбук статус

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e