Убиство го потресе Скопје кога син го закла својот татко со нож во семејниот дом, откако тој во алкохолизирана состојба ја нападнал мајка му.
Најновите податоци до кои дојде Алсат говорат дека трагедијата се случила откако 52-годишниот Едем Лукмани, кој бил под дејство на алкохол, физички ја нападнал својата сопруга Хикмете Џемаили, а синот Бесарт Џемаили во обид да ја заштити мајка си, му нанел повеќе убодни рани со нож на татка си.
Според извори од истрагата, Едем и претходно бил пријавуван за насилство, а психичката состојба на синот подоло време била нарушена. Во повеќе наврати ги принудувал членовите на семејството и блиски лица да постапуваат според неговите барања, тврдејќи дека е пророк.
Алсат објави и дека починатиот бил во постапка за промена на личното име. Тој поднел барање неговото име „Едем Лукмани“ да биде променето во „Авни“.
Од МВР претходно информираа за убиството:
– „Околу 23 часот во Скопје, на територија на Полициската станица Бит Пазар, полициски службеници го лишија од слобода 31-годишниот скопјанец Б.Џ. затоа што, според пријавеното, со нож му нанел убодни рани на својот татко, 52-годишниот скопјанец Е.Л.
Според пријавеното, околу 22:35 часот во семејниот дом, Е.Л., кој бил под дејство на алкохол, физички ја нападнал својата 54-годишна сопруга, инаку мајка на Б.Џ., по што Б.Џ. му нанел убодни рани на својот татко.
По преземени мерки, полициски службеници го лишија од слобода Б.Џ., а 54-годишната жена е пренесена во болницата „Свети Наум Охридски“ за укажување на помош”, информираа од МВР за настанот.
