Српските медиуми за смртта на Ѓорѓи Желчевски-амбасадор на македонската музика во Србија

„Почина легендарниот пеач на македонската музика“ е само дел од насловите во Блиц, Ало, Новости, Курир, Мондо и други српски медиуми за веста за смртта на Ѓорѓи Желчевски денеска во Белград.

Информер и Србија данас, веста ја објавија со насловот „Целиот регион плаче за смртта на Ѓорѓи Желчевски“.

Медиумите и социјалните мрежи се преполни со пригодни зборови за овој великан на македонската музика, кој долги децении во Белград и Србија ја афирмираше македонската народна музика и заедно со сопругата Кевсер Селимова беа вистински амбасадори на македонскиот мелос.

Вечерни Новости пишуваат дека тој бил „многу талентиран човек во естрадниот свет, можеби и единствен кој има четири дипломи- музичко школо, средно медицинско школо, потоа вишо педагошко училиште и Природно математички факултет ( наставник по хемија).“

Ало и другите медиуми пишуваат за Желчевски дека тој, рано како солист во Радио Скопје, сфатил дека за народната музика која ја носел во своите гени не му треба никакво училиште. Фатална средба се случила во 1959 година на Партизанските води на Златибор. На барање на Маршалот Тито, се одржувал фолклорен фестивал од цела Југославија. Скопје како свој претставник го испрати Културниот клуб „Орце Николов“, во кој настапи и Кевсер Селимова. Ѓорѓи беше афирмиран солист на Радио Скопје, настапувајќи како пејач и како конферансије. На прв поглед, тој се за заљуби во седумгодини помладата русокоса убавица со крупни зелени очи.

Се роди љубов, тие почнаа да пеат и да снимаат во дует, ширејќи ја славата на македонската песна на сите меридијани, а бидејки 50 години живееа и твореа во Белград, ги нарекуваа амбасадори на македонските песни.

Ѓорѓи Желчевски почина на 82 годишна возраст како последица на мозочен удар во болницата Св.Сава во Белград.

Тој ќе остане запаметен со песните, кои во дует ги испеа со Кевсер, меѓу кои се „Елено, ќерко”, „Бело лице љубам јас”, „Врати ми се, љуби ме”, „Брала мома капини” и многу други. Пред седум години во Домот на АРМ во Скопје концертно го прославија пет децениското постоење.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e