Нагло зголемен бројот на жртви и заразени со Ковид-19 во Кина

Бројот на жртви од новиот коронавирус во кинеската провинција Хубеи нагло се зголеми за 242, но нагло порасна и бројот на заразени – за 14.840, соопштија денеска здравствените власти откако почнаа да ги користат новите методи за дијагностицирање на болеста.

Ова е рекорден број на регистрирани смртни случаи и зарази во еден ден, со што вкупниот број на луѓе кои починале од последици од новиот коронавирус во Кина сега се зголеми на 1.310, а бројот на заразени на 48.206.

Здравствените власти во провинцијата, жариштето на коронавирусот, објавија дека од денеска во билансот ги вклучуваат и луѓето кај кои болеста е дијагностицирана со новите методи.

Провинциската здравствена комисија минатата недела најави дека ќе почне да ги признава резултатите од компјутерска томографија, радиолошки метод на снимање на пациентите, како потврда за инфекцијата, што им овозможува на болниците побрзо да ги изолираат пациентите.

Провинцијата Хубеи претходно ги признаваше само резултатите од тест со рибонуклеинска киселина, кој покажува присуство на вирусот, но потребно е извесно време да се добијат резултати.

Користењето на скенер може брзо да покаже инфекции на белите дробови, така што пациентите ќе можат навреме да почнат со лекување и со тоа да се зголеми и можноста да бидат излекувани.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e