Ненормална нормалност!?

Колумна, „Радио Слободна Европа“, 18.03.2017, Стефан Богоев, претседател на СДММ

Честопати сите ние во некој дел од животот сме доведени во дилема. Знаеме да размислуваме и често да се прашуваме самите себе дали нешто сме го направиле добро, лошо, исправно или неисправно. Ги преиспитуваме нашите одлуки, чекори и размислувања, дали се оние правилните или не. И сето ова најчесто го правиме во некои клучни, битни, судбински и суштински моменти. Особено ние младите кои сакаме иднина во оваа држава, за жал во изминативе години сме доведени во дилема дали воопшто може да имаме иднина во нашата Македонија!?

Изминатиов период Република Македонија е во сериозна политичка, но и криза која некој за спас на својата кожа има намера да ја направи и безбедносна криза. Вие, граѓаните на Македонија сте буквално бомбардирани со различни информации и пораки кои честопати верувам дека ви будат разни чувства. Некогаш позитивни, некогаш негативни. Некогаш оптимистички, некогаш песимистички.

И како човек кој веќе неколку години е во политиката, но пред се како млад граѓанин кој сака да остане да живее во оваа малечка, но прекрасна држава, во вакви судбински моменти за државата заедно со моите другарки, другари и пријатели, но пред се за сите нас, моменти кога сите сме на крстопат, би сакал од вас читателите на оваа колумна да размислите и сами да ја решите дилемата, дали е нормално или не ова што се случува во Република Македонија!?

Претпоставувам првенствено сите не интересира ситуацијата околу Платформата на албанските партии која ја бранува јавноста во изминатиов период. Јас сум еден од оние кои се бореа и се борат за едно општество за сите, Албанци, Турци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи и сум спремен да помогнам да се остварат барањата на сите етнички заедници, но барања кои се суштински битни и потребни за нашите сограѓани. Предрасуди никогаш сум немал и немам, а сум цврсто убеден дека концептот на едно општество е она што ни гарантира на сите иднина во Република Македонија. Барања и ставови кои имаат за цел да подигнат нечиј личен рејтинг и притоа му „вршат работа” на Груевски, кои бараат промена на Устав или на симболите на државата лично не поддржувами сметам дека не се потребни.

Но, ајде сега да размислиме нешто друго! Дали е нормално, во ваква деликатна политичка ситуација во државата, на протести (против кои немам ништо и се легитимно право на секој!) под мотото “За заедничка Македонија” да се скандира “Чиста Македонија” и “Смрт за шиптари” што директно удира против заедништвото во Македонија!?

Зарем е нормално и пред се човечки, за нечии туѓи интереси, во обид криминалот да се затскрие зад квази патриотизам во оваа работа да се вклучуваат и малолетни средношколци!? Дали е нормално сега да се агитира кај студентите под паролата “Студентите за заедничка Македонија” кога Македонија никаде ја немаше за студентите во овие 10 години!? Ние младите од сите етнички заедници си ја сакаме Македонија и никој нема право да не прави предавници или странски платеници!

Дали е нормално, претседателот на државата кој противуставно одбива да го даде мандатот на Заев, да вели дека е загрозена безбедноста на Македонија и да се повикува на армијата и по само еден ден да избега на пат, иако токму тој е врховен командант на армијата на која нели се повикува самиот тој!?

И кога секојдневно ги слушаме сите повици за протести, за „битка против предавниците” и слично, редно е да си расчистиме уште една дилема. Зарем е нормално, оние кои ги амнестираа Хашките случаи, кои во бомбите преговараа за името на државата и кои во 2008 година го донесоа Законот за употреба на јазиците сега да се најгласните “борци” против Албанците, против промена на името и против унапредување на употребата на јазиците!? Зарем сево ова за нив важи само кога се опозиција, а не и кога се на власт!?

И ако во меѓувреме, во целата оваа мешаница заборавивте кој ви е премиер, поставете си го прашањето: Дали тој наводен премиер на кој името и ликот не му ги знаете заслужува да зема премиерска плата!? Дали заслужува да зема и премиерска и пратеничка плата, бидејќи во истовреме е и пратеник и премиер!? Дали е нормално да се биде пратеник и премиер истовремено!? Во Собрание на седница за пратенички прашања, пратениците во име на граѓаните ја извршуваат својата контролна улога врз власта и поставуваат прашања на премиерот и министрите. Дали моменталнава ситуација ја отвора можноста пратеникот Емил Димитриев (тоа му е името!) да постави пратеничко прашање на премиерот Емил Димитриев!? Па потоа овој да седне на место, да си одговори сам на себе па потоа сам на себе повторно да си каже дали е задоволен од одговорот!?

Или пак е нормално една гатачка да раководи со лидер на партија!? Истиот тој лидер да раководи со партијата, а таа партија да раководи со државата!? Оттука, поставете си дилема дали е нормално гатачка да ја раководи Република Македонија!?

И кога ненормалното станува нормално тоа резултира со плукање, снимање и напаѓање на јавни личности и со објавување потерници за невини луѓе додека оние обвинетите бегаат од правдата и државата со своите украдени милиони евра пари на граѓаните.

Драги пријатели и читатели, пред да одлучите на кој ќе верувате, што ќе правите и како ќе делувате, расчистете си ги во себе дилемите кои погоре ги поставив и сами донесете одлука. Одлучете дали сте за живот во Македонија или сте за „чиста“, криминална Македонија и дали е за вас нормално, ненормалното да стане нормално!?

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e