Ајде стани и покажи се да те видиме сите што величина си, па си земал без срам и перде перце в рака да пишуваш манифест за одбрана на ајдуци
Кој си бе ти, ајде стани и покажи се, да те видиме сите што величина и големина од човек ќе беше, па си земал без срам и перде перце во рака во оваа земја, која ја претвори со твоето владеење во безнадежија. Кој си ти да пишуваш манифест до осиромашениот народ. Како не ти срам да им се обраќаш на граѓаните кои се испокрадени, понижени, исцедени како лимон од најопасните ајдуци облечени во костуми и вратоврски. Кој си бе ти со манифест да се браниш себеси од судот и од законите и да ги браниш со лаги своите поданици, осомничени политичари за криминал и големи злодела против својот народ.
Кој си бе ти да пишуваш манифест и да се повикуваш на славниот документ од Крушево. Што е, сакаш ли ново востание за одбрана на твоите арамилаци и арамии. Кога повикуваш на национално и државно единство на кого мислиш? На тие што имаат единствен матичен број родени во татковината, или тие на кои им праќаш закани секој ден со колоните на срамот кои маршираат по скопските улици, или пак им се обраќаш на тие за кои ти проповедаш дека ова не е нивна матична земја, затоа што ти така си умислил и пресметал да се спасуваш со сеење омраза и нетрпеливост. Повикуваш ли ти со твојот манифест на крвопролевање криејќи се зад лажно единство. Кој си бе ти што си дозволуваш да го уриваш редот и поредокот по твој ќеф. Да го скрнавиш Уставот, да не ги почитуваш законите, да ја узурпираш власта која си ја изгубил на избори, да не го признаваш гласот на мнозинството граѓани, да го блокираш парламентот, да не дозволиш да дојде до историски промени и да работи непречено владата која има зад себе 67 пратеници избрани од 700.000 граѓани. Кој си бе ти што си ги заробил и судовите и медиумите и компаниите и целата држава сите да играат на твојата свирка. Кој си бе ти што секоја вечер ни влегуваш во домовите неканет, не гушиш и ни ја одземаш слободата. Кој си бе ти што зајмиш милијарди евра од светските и домашните банки во наше име и потоа ги арчиш во твоја слава, без да дадеш отчет каде отидоа нашите пари. Кој си бе ти што го попречуваш членството на Македонија во европското семејство и во НАТО. Кој ти го дава тоа право? Русите или Грците, или ти сам на себе си ги даваш сите права.
Кој си бе ти што лажно бараш владеење на правото во твојот манифест. Па кој ти бранеше цели 11 години да го примениш владеењето на правото, наместо владеење на кривото и арамиското. Па поради твоето непочитување на правото и правдата, поради заробување на целото судство, имаме специјално обвинителство од кое ти се тресат коските. И сега без срам бараш владеење на правото по твој терк. Нели.
Кој си бе ти што бараш попис со манифест. Па, со години не го направи да не се видат твоите изборни и други фалсификати. Кој си ти што дозволи да се одлага со години најголемата стопанска и економска операција без која не може да се планира идниот развој на земјата. Кој закон, чија одлука беше да го спречиш пописот и да ги фрлиш милионите долари во време кога веќе почна да тече пописната операција. Кој ти го дозволи тоа самоволие и таа невидена и нечуена ароганција да правиш што сакаш. Кој си бе ти да праќаш манифест до народот во кој ти сам одредуваш кои се тоа државни и национални интереси, а си го блокирал народното Собрание да не работи за да не останеш без власт. Кој си ти да повикуваш на национално и државно обединување кога си компромитиран политичар осомничен за повеќе кршења на законите.
Целосната колумна на Ерол Ризаов за Утрински весник, прочитајте ја тука