Млада инфлуенсерка почина само неколку дена по операцијата на градите

Бразилската инфлуенсерка Марија Едуарда Алвес дос Сантос, позната на социјалните мрежи како Дуда Алвес, почина на 22-годишна возраст, само неколку дена откако се подложила на хируршка процедура за подигнување на градите.

Нејзината смрт ја потврдиле блиски лица преку социјалните мрежи, а случајот го истражуваат бразилските власти. Според информациите објавени од бразилски и американски медиуми, истрагата ја разгледува и можноста за самоубиство, но засега нема дополнителни јавно објавени детали за околностите.

Дуда Алвес била популарна на „Тикток“, каде што имала повеќе од 750.000 следбеници. Публиката ја стекнала главно со комични видеа во кои зборувала за секојдневни ситуации и работи што ја нервираат, а објавувала и содржини од приватниот живот со своето момче.

Повремено, инфлуенсерката се осврнувала и на посериозни теми, а за својата одлука да направи операција зборувала и во последното видео, објавено шест дена пред нејзината смрт.

Станувало збор за мастопексија, хируршка процедура при која се отстранува вишок кожа и се преобликува и затегнува ткивото на градите. Алвес претходно споделувала дека процедурата ја направила на почетокот на септември.

Во своите објави таа зборувала за причините поради кои се одлучила на операцијата, меѓу кои ги навела физичката непријатност и желбата да се чувствува послободно при изборот на облека. По процедурата, исто така, зборувала за коментарите што ги добивала од дел од машките следбеници.

По веста за нејзината смрт, повеќе блиски лица објавија пораки со кои се простија од младата инфлуенсерка и побараа приватност за семејството во периодот на жалост.

Нејзината пријателка Сара Махдави ја потврдила смртта и преку социјалните мрежи се простила од Дуда, опишувајќи ја како една од најважните личности во нејзиниот живот.

Порака објавила и нејзината 19-годишна братучетка Геована Алвес, која истакнала дека имала можност да помине речиси целиот свој живот покрај Дуда.

Од неа се простила и пријателката Клариса Павие, која ја опишала инфлуенсерката како личност со препознатлив карактер, специфична смисла за хумор и автентичност.

Бразилските власти потврдиле дека Алвес починала во неделата и дека околностите на нејзината смрт се предмет на истрага.

Погребот бил одржан во црква во Сао Паоло во вторникот, каде што се собрале членовите на семејството, пријателите и блиски луѓе.

На церемонијата, нејзиниот татко им се заблагодарил на следбениците за поддршката и љубовта што ѝ ја покажувале на неговата ќерка.

Засега, надлежните не објавиле дополнителни информации за истрагата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e