Лепа Брена, Ацо Пејовиќ и Слаткар на голем концерт во Крива Паланка

Крива Паланка на 29 август ќе биде домаќин на голема музичка вечер по повод одбележувањето на празниците Успение на Пресвета Богородица и Св. Јоаким Осоговски, небесниот заштитник на градот.

На Градскиот стадион се најавува концерт со настапи на три познати музички имиња – Лепа Брена, Ацо Пејовиќ и Слаткар, а од Општина Крива Паланка најавуваат вечер со хитови, забава и богата сценска продукција.

Програмата ќе ја отвори македонскиот рапер Слаткар, кој пред публиката ќе ги изведе своите најпознати песни и ќе ја загрее атмосферата.

По него, на сцената ќе настапи Лепа Брена, една од најпознатите регионални музички ѕвезди, со репертоар составен од нејзините најголеми хитови.

Музичката вечер ќе заврши со настапот на Ацо Пејовиќ, кој пред публиката во Крива Паланка ќе ги донесе своите препознатливи балади и најпознати песни.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, вели дека концертот е подготвен како подарок за граѓаните и посетителите во празничните денови.

„Особена чест ни е што токму во деновите кога го славиме нашиот духовен заштитник – Св. Јоаким Осоговски и големиот празник Успение на Пресвета Богородица, на нашите сограѓани и гостите им подаруваме музичка вечер со три големи имиња кои оставија трага на регионалната и македонската музичка сцена“, изјави Митовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e