СДСМ Велес: Со 101 милион денари долг општина Велес стана една од најзадолжените општини

Прес конференција
Весна Стојанова Богоевска, портпарол на ОО СДСМ Велес
Велес, 28.07.2017

Почитувани сограѓани,

Пред неколку денови беше објавена информација што ги потврди нашите тврдења дека општина Велес во последните години стана сериозно задолжена општина.

Официјално, општина Велес има долгови во висина од 101 милион денари кон фирмите за реализирани, а неплатени градежни зафати, кон ЈКП Дервен и кон фирмите кои ги превезуваат учениците. Со тоа Велес стана една од најзадолжените општини и е рангирана на 12то место. Сепак, нашите сомнежи се дека долговите се многу поголеми и дека достигнуваат до 3 милиони евра бидејќи не се прикажани сите фактури и ситуации.

Постои сериозна загриженост за нарушената ликвидност на општината. Тоа може да доведе до блокирање на жиро сметката на општината и до парализирање на сите активности и до неисполнување на законската обврска на општината да ги извршува законски доверените надлежности и да дава квалитетни сервисни услуги на граѓаните.

Градоначалникот, кој според законот ја претставува и застапува општината и е одговорен за финансиското работење е единствено одговорен за незаконското, неодговорно и недомаќинско управување со општинскиот буџет. Општината не смее на незаконски начин и без одобрување на Министерството за финансии да се задолжува. Таа треба со програмите за работа по области и со буџетот да предвиди онолку трошоци колку што има приходи. Во спротивно е одговорна за незаконско работење.

Затоа, оттука, упатуваме апел до градоначалникот Славчо Чадиев. Господине Чадиев, вие и мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ до крајот на мандатот освен неопходните не треба да преземате никакви градежни и други активности за да им се додворувате на избирачите и да собирате евтини политички поени, туку следните приходи да ги намените за да ја раздолжите општината. Во спротивно, доколку општината ја оставите задолжена, ќе се соочите со лицето на правдата и за тоа кривично ќе одговарате според законските прописи што ја регулираат оваа материја. Доста беше. Одговорност мора да има. Парите на граѓаните на Велес мора да ги трошите чесно, домаќински, одговорно и наменски. Граѓаните на Велес имаат право да знаат каде, колку, како и за што се трошат нивните пари што се слеваат во буџетот на општината.

Парите на граѓаните на Велес мора да се трошат домаќински, одговорно и наменски, наместо расипнички и неодговорно како досега. Затоа, веќе на следните локални избори, граѓаните ќе изберат нова локална власт предводена од СДСМ која преку чесно и домаќинско работење ќе обезбеди економски развој, намалување на долговите и квалитетен живот за сите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e