Марин: Надлежните органи да го истражат случајот со рекламната кампања на Коневски

Прес конференција,
Златко Марин, претседател на ОО СДСМ – Аеродром
Скопје, 28.07.2017

Почитувани,

Скандалот со кампања на Ивица Коневски и ВМРО-ДПМНЕ, од ден на ден добива се посериозни размери. Коневски 10 дена не одговара на поставените прашања и се уште тврди дека неговата реклама е бесплатно изработена и емитувана на три различни телевизии. Внимавајте, Коневски тврди дека бесплатно се емитувани на телевизија 8 часа рекламни спотови или неверојатни 349 емитувања.

Законот за медиуми јасно дефинира дека со „бесплатно емитување“ се означуваат соопштенија или кампањи од јавен интерес и апели за добротворни цели. Во законот за медиуми јасно пишува дека: Субјектот, во овој случај Општина Аеродром, е должен да побара мислење од Агенцијата за медиуми која треба да одобри дали дадената кампања е од јавен интерес или не. Дури потоа, медиумите смеат бесплатно да ја емитуваат.

Го прашуваме Коневски: Дали општината Аеродром побарала дозвола и мислење од агенцијата за емитување на оваа кампања, како што налага законот?

Ја прашуваме Агенцијата за медиуми: Дали таа ја одобрила оваа кампања како кампања од јавен интерес? Само така, оваа кампања медиумите можеле да ја емитуваат бесплатно.

Според нашите сознанија ниту општината побарала мислења, ниту пак агенцијата дала. Ако е така, ова е безобразно кршење на уште еден закон. Се отвора сомнеж за криминал од големи размери, ако се земат предвид скапите минути за рекламирање на телевизиите.

Почитувани,

Постои сомнеж за корупција, односно размена на услуги со фирма која поволно го користи Воениот Базен на сметка на бесплатно изработените скапи спотови. Постои сомнеж за кршење на законот за кампањи од јавен интерес. Очигледно е дека постои сериозен криминал во оваа афера. Ги повикуваме надлежните органи да го истражат овој случај, а медиумите будно да го следат развојот на настаните.

Нема да дозволиме Општина Аеродром да работи за личните и партиски интереси на Коневски и ВМРО-ДПМНЕ, наместо за доброто на своите граѓани. Коневски и ВМРО-ДПМНЕ за ваквото криминално работење ќе бидат казнети на следните локални избори. Општина Аеродром ќе добие нова локална власт предводена од СДСМ, која ќе направи темелна ревизија на целокупното работење на актуелната локална власт.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e