Вучиќ: На почетокот сме на голема војна

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека светот се наоѓа на почетокот на голема војна, која би можела дополнително да се прошири. Тој ова го изјави во подкастот „MD MEETS“ на Матијас Депфнер, директор на германскиот медиумски концерн „Аксел Спрингер“.

Одговарајќи на прашањето дали светот е на прагот на значително поголем конфликт меѓу Европа и Русија, Вучиќ рече дека стравува оти следува многу поголема војна.

„Ако ме прашате што лично мислам, мислам дека сме на почетокот на поголема војна. Се надевав дека некој досега ќе направи нешто за да воспостави мир. Тоа не се случи, ниту пак ќе се случи наскоро. Тоа значи дека сме на работ на многу, многу поголема војна“, рече Вучиќ.

Тој оцени дека светот во иднина ќе биде поделен меѓу неколку големи сили, при што САД и Кина ќе останат клучни глобални актери, а Европската Унија би можела да се наметне како трет столб.

Според Вучиќ, Русија, Индија, Турција, Пакистан и Саудиска Арабија, исто така, ќе имаат значајна улога во новата глобална распределба на силите.

Вучиќ: Војната во Украина нема да заврши наскоро

Зборувајќи за војната во Украина, Вучиќ изјави дека не очекува таа да заврши ниту оваа година, ниту до следната пролет.

Тој смета дека во сегашниот ќор-сокак тешко може да се постигне компромис, бидејќи, како што рече, „сите сакаат да ја видат другата страна поразена“.

Вучиќ оцени дека рускиот претседател Владимир Путин најверојатно сака да воспостави контрола врз целиот Донбас, по што би можел да биде подготвен за завршување на војната.

Српскиот претседател, сепак, повика да не се стреми кон целосен пораз на Русија и оцени дека е потребен компромис.

„Не ни треба пораз на која било страна, туку компромис“, рече Вучиќ, додавајќи дека Русија е нуклеарна сила и дека не верува оти може лесно да биде поразена.

„Србија не е ничија марионета“

Во интервјуто Вучиќ се осврна и на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Србија, нагласувајќи дека Белград води независна надворешна политика.

„Не сум тука да им угодувам на Русите, Украинците или на некој друг – освен на Србите. Србија не е ничија марионета“, рече Вучиќ.

Тој истакна дека Србија има стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија, но и дека сака да ги зачува традиционалните односи со Русија и да развива соработка со Украина.

„Сите велеа: Имате премногу столчиња, мора да изберете едно. Да, ние го избравме. Тоа е српското столче“, рече Вучиќ.

Зборувајќи за својот однос со Путин, тој наведе дека со рускиот претседател се сретнал повеќе од 20 пати и дека меѓу нив постоело меѓусебно почитување.

Вучиќ додаде дека Србија и Русија имаат традиционални врски кои, според него, ќе продолжат да постојат, но нагласи дека Белград ќе продолжи да ја води својата политика според сопствените интереси.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e