Затворено родилиште, гинеколози пред пензија: Неизвесна иднина на грижата за женско здравје во Крива Паланка

Натписите со известувања се тука, но посети во кривопаланечкото родилиште не се реализираат. Вратата е затворена веќе со децении, а зад неа не се слуша плачот на нов живот.

Ако до 2006 година зад овие врати се раѓале околу 200 новороденчиња годишно, денес сите родилки од Крива Паланка се препраќаат во соседно Куманово и во Скопје, а последните новороденчиња во ова родилиште се родени за време на COVID-пандемијата, и тоа само при две-три итни породувања.

Дали Крива Паланка ќе остане без гинеколози?

Нов предизвик за идните мајки, но и воопшто за девојките и жените од Крива Паланка и околината е што постои можност за некоја година да останат без лекари гинеколози, дури и за рутинските прегледи кои се клучни за женското здравје.

Screenshot 2026-08-06 130934

Гинеколошкото одделение „Д-р Раде Младеновски“, кое го носи името на познатиот, сега покоен гинеколог од Крива Паланка, е лоцирано во болницата, а во него денес работат двајца специјалисти како приватни гинеколози – Горан Младеновски и Ацо Младеновски, кои вкупно имаат околу 8.000 пациентки од градот, околните села, општина Ранковце и неколку пациентки кои доаѓаат од Кратово.

И двајцата, според возраста, треба да се во пензија, но поради тоа што нема кој да ја преземе нивната работа, го продолжиле ангажманот до 67 години, со можност потоа да продолжат уште три години.

Пациентките се прашуваат што потоа, со оглед на тоа што засега нема лекари од кривопаланечката болница кои специјализираат во оваа област или гинеколози кои покажуваат интерес да ја преземат ординацијата.

Д-р Горан Младеновски смета дека болницата треба да стимулира државни гинеколози.

– Можеме да ја активираме пензијата, но нема кој да се нафати да дојде да го преземе гинеколошкото одделение бидејќи ќе биде должен да интервенира при итно и неодложно породување, со оглед на тоа што нема државен гинеколог. Матичните гинеколози од другите градови ги немаат тие обврски. Породилиштето е официјално, не е затворено, имаме инкубатори, дежурна бабица, се врши стерилизација, боксот е тука… Тој гинеколог кој ќе дојде ќе мора да интервенира и во такви случаи, но бидејќи нема анестезиолог, ќе може да интервенира само во итни и неодложни случаи. Ако ние се откажеме, Крива Паланка ќе остане без гинеколози. Мој апел е надлежното министерство да даде „пас“ за специјализација. Греота е што не добивме наследник, ама веќе да беше тука со нас, смета д-р Младеновски, кој потенцира дека сепак ќе мора да бидат ангажирани двајца гинеколози.

Screenshot 2026-08-06 130958

Д-р Младеновски е добитник на „Осмооктомвриското признание“ од Општина Крива Паланка за 2024 година за неизмерен придонес во областа на здравството, здравствената едукација и подигнување на свеста за женското здравје во Крива Паланка.

За својата четиридецениска работа како гинеколог вели дека го исполнува тоа што е ценет во градот. Породувал жени, а сега, кога треба да е во пензија, и нивните ќерки.

– Оваа работа нема цена. Низ годините, и кога сум одел дома, со мислата сум тука. Отсекогаш сум бил достапен за трудниците, за оние кои се иселени, но бараат консултации… Мирот нема цена, но живеам во близина на ординацијата и среде ноќ, со крвави раце и крвава облека, сум се враќал дома, со половина час спиење, но чувството е посебно и другите лекари ретко го доживуваат, споделува тој.

Од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, кое долго време работи на теми поврзани со женското здравје, велат дека во пракса отсуството на гинеколози може да стимулира коруптивно однесување.

– Иако недостигот од гинеколози и нефункционирањето на родилиштето се пред сè прашања на достапноста на здравствената заштита, ограничениот избор на гинеколошки услуги може дополнително да ја зголеми зависноста на пациентките од мал број гинеколози. Во такви услови, жените потешко се одлучуваат да побараат објаснување за наплатата или да пријават евентуална неправилност, велат од ЕСЕ.

Дали има наплата на бесплатните прегледи?

Сандачето со „пофалби и поплаки“ во кривопаланечката болница е празно. Не се знае дали и воопшто на пациентите им е до „пишување“. Она што „струи“ во неформалната комуникација со кривопаланчанките е дека се плашат да останат без гинеколог во градот, бидејќи тоа ќе значи и дополнителни трошоци за превоз до соседните градови.

Screenshot 2026-08-06 131006

Велат дека се трудат редовно, превентивно, да прават гинеколошки преглед еднаш годишно, а по потреба и почесто.

Она што повремено ја бранува локалната јавност е цената на услугите.

– Се наплаќа по желба, кај секоја жена цената е различна. Не се издаваат фискални сметки. Има случаи кога им е наплаќано и на бремени жени, за кои прегледите треба да бидат бесплатни, сведочат дел од пациентките.

Она што треба да го знаат пациентките е дека приватните гинеколошки ординации кои имаат договор со Фондот за здравствено осигурување немаат право да наплатуваат ПАП-тест.

– Доколку ПАП-тестот се извршува кај избран гинеколог со договор со Фондот, услугата е обезбедена на товар на Фондот согласно важечките прописи. Партиципација во износ од 60 денари се наплатува само за осигуренички помлади од 21 година и постари од 59 години, односно за возрасните групи кои не се опфатени со Програмата за рано откривање и спречување на ракот на грлото на матката, нагласуваат од ФЗО.

Согласно Договорот за обезбедување и плаќање на здравствени услуги во примарната здравствена заштита – дејност гинекологија, ординациите кои имаат договор со Фондот немаат право дополнително да наплатуваат гинеколошки преглед, ЕХО-преглед, колпоскопија, земање брис за микробиолошко и цитолошко испитување (ПАП-тест), како и други дијагностички и терапевтски процедури кои се спроведуваат согласно медицината заснована на докази.

Дополнително, прегледите, ЕХО-прегледите, лабораториските испитувања и другите дијагностички процедури кај бремените жени се обезбедуваат согласно Програмата на Министерството за здравство и не се наплатуваат.

–  Надвор од Програмата за организиран скрининг, ПАП-тест може да се изврши како дел од редовната гинеколошка здравствена заштита или по медицинска индикација. Начинот на обезбедување и евентуалната наплата на услугата зависат од правото на осигуреното лице, важечките прописи, договорните односи на ординацијата со Фондот за здравствено осигурување и ценовникот за услуги кои не се покриени со задолжителното здравствено осигурување, велат од Министерството за здравство.

– Неоснованата наплата на услуги што се покриени од здравственото осигурување може да претставува коруптивна практика, особено кога пациентките не се информирани за своите права или не се чувствуваат охрабрени да ја пријават таквата неправилност, објаснуваат од Здружението ЕСЕ.

Има ли доволно контроли?

Од контролите што заедно ги спроведоа ФЗО и Управата за јавни приходи кон крајот на 2025 година, речиси половина од контролираните ординации наплаќале дополнителни средства од осигурени лица. Ординацијата во Крива Паланка не била опфатена со оваа контрола. Побаравме одговор од надлежните дали има основа во тврдењата на некои пациентки дека се врши наплата без издавање фискални сметки.

И ФЗО и Министерството за здравство тврдат дека нема претставки за неоснована наплата на услуги.

– Од страна на Централата на ФЗО не се спроведени контроли во приватните гинеколошки ординации во Крива Паланка, информираа од Фондот, појаснувајќи дека последните контроли се извршени во мај годинава од страна на подрачната служба на ФЗО.

Како што наведуваат, контролите опфатиле проверка на спроведувањето на превентивните програми и усогласеноста на работењето со склучените договори со Фондот.

– При контролите не се утврдени неправилности. Констатирано е дека ординациите работат согласно законските прописи, договорните обврски и утврдените медицински стандарди. Во евиденцијата нема регистрирани претставки од осигуреници за неоснована наплата на ПАП-тест во приватните гинеколошки ординации во Крива Паланка, тврдат од ФЗО.

Според службената евиденција, и Министерството за здравство нема регистрирано официјална претставка која се однесува конкретно на неоснована наплата на ПАП-тестови во гинеколошката ординација во Крива Паланка.

Доктор Горан Младеновски вели дека имаат трошоци за кирии, капитации за вработените сестри, реклами, осигурување од лекарска грешка и други давачки. И тој, како и многу приватни гинеколози, реагира на нередовната исплата од страна на државата на фактурите за националната скрининг-програма, со која ПАП-тестовите се бесплатни за пациентките на возраст од 21 до 59 години, на секои три години.

Тој смета дека тестирањето е најдобро да се врши еднаш годишно.

– Таман ги навикнавме пациентките да доаѓаат еднаш годишно, сега програмата за бесплатен ПАП-тест е на три години. Во Скопје некаде се наплаќа и 100 проценти. Ќе речат дека програмата е скапа, се водиме по практиките на ЕУ, но според мене треба да биде еднаш годишно. Ретко е, но и со добри тестови доаѓа до аденокарциноми, без симптоми. Не е важно дали во тој случај ми следуваат средства од државата, мое мислење е дека ПАП-тестирањето треба повторно да биде еднаш годишно, смета д-р Младеновски.

Screenshot 2026-08-06 131014

Потребни се едукација и информирање на жените

Истражувањето на Здружението ЕСЕ од март 2026 година покажува дека жените недоволно ја препознаваат како противправна практика незаконска наплата од страна на матичните гинеколози на услуги кои, согласно подзаконските акти на ФЗО, се бесплатни за пациентките, како што се гинеколошки преглед, ехографски преглед и колпоскопија.

– Имено, само 6,8 % од сите испитанички ги навеле неформалните плаќања како вид на корупција што им била побарана. Додека претходните истражувања на Здружението ЕСЕ покажаа дека 94 % од жените од руралните средини и 95 % од жените Ромки изјавиле дека матичниот гинеколог им ги наплатил прегледите при нивната последна посета. Оваа состојба укажува на нормализација на незаконските наплати и на недоволна информираност на жените за нивните здравствени права, се наведува во истражувањето на ЕСЕ.

Пациентките, а исклучок не се ниту жените од Крива Паланка и околината, имаат право да реагираат доколку се најдат во улога на жртви на незаконска наплата.

– Доколку до Министерството за здравство биде доставена претставка со конкретни наводи и докази, таа се разгледува и, согласно утврдените надлежности, се доставува до надлежната институција за понатамошно постапување. Согласно законските прописи, за секоја извршена наплата здравствената установа е должна да издаде фискална сметка или друг соодветен фискален документ. Доколку е наплатена услуга која, согласно договорот со Фондот, не смее да се наплатува, тоа претставува основа за спроведување контрола од страна на Фондот, појаснуваат надлежните.

Доколку при контрола се утврди дека здравствена установа наплатила услуга која, согласно договорот, е на товар на Фондот, установата е должна да ги врати неправилно наплатените средства на осигуреното лице.

Дополнително, Фондот постапува согласно договорните одредби и, доколку се исполнети законските услови, може да примени и договорни мерки предвидени со склучениот договор.

– Секоја осигуреничка која смета дека неосновано ѝ е наплатен ПАП-тест може да поднесе претставка до Фондот лично, преку подрачните служби или по електронски пат, алармираат од ФЗО.

Во услови кога Крива Паланка се соочува со неизвесност околу иднината на гинеколошката здравствена заштита, останува потребата од поголема информираност на жените за нивните права, како и од поефикасен институционален надзор и навремени системски решенија.

Христина Николовска 

Оваа сторија е изработена со финансиска поддршка од Француската агенција за развој (Agence française de développement) преку Expertise France како дел од проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ кој го спроведува Здружение ЕСЕ. Содржината на овој текст/прилог е исклучива одговорност на IPortal и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Expertise France или на Француската агенција за развој (Agence française de développement).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e