Пелагониските земјоделци со нов ултиматум: Ако нема исплата, ќе го блокираат Меџитлија

Незадоволството кај земјоделците од Пелагонискиот регион повторно расте. Тие бараат итна исплата на средствата што, како што велат, државата им ги должи, предупредувајќи дека рокот за чекање е при крај, а пред нив е новата есенска производна сезона.

Земјоделците посочуваат дека без навремена финансиска поддршка ќе биде исклучително тешко да ги обезбедат неопходните средства за подготовка на нивите. Горивото, семето, вештачките ѓубрива и останатиот репроматеријал се трошоци кои мора да се покријат пред почетокот на сеидбата, а неизвесноста околу исплатите, според нив, дополнително ја отежнува ситуацијата.

Во исто време, Владата го усвои дополнетиот Ребаланс на Буџетот за 2026 година, што кај земјоделците отвора ново прашање – доколку средствата се планирани и обезбедени, зошто сè уште не се исплатени?

Ова не е првпат земјоделците од Пелагониско да излезат со протестни барања. Пред околу месец и половина тие веќе протестираа, а тогаш на заедничките проблеми укажуваа земјоделци, сточари и градинари.

Сега велат дека нивната трпеливост е при крај. Со новото предупредување тие најавуваат дека ќе преземат порадикални мерки доколку нивните барања не бидат исполнети.

Земјоделците бараат до крајот на неделата да биде завршена исплатата на преостанатите субвенции за 2025 година, за кои тврдат дека сè уште им се должат.

Во спротивно, најавуваат блокада на граничниот премин Меџитлија, со што би го засилиле притисокот врз институциите за исплата на средствата.

Од земјоделците велат дека не бараат ништо повеќе од навремена исплата на средствата кои им следуваат, особено во период кога започнува подготовката за новата производна година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e