Словенечката влада подготвува измени на Законот за странци со кои ќе се променат условите за интеграција на државјаните од трети земји. Една од најзначајните новини е укинувањето на бесплатните курсеви по словенечки јазик.
Според предложените измени, курсевите повеќе нема да бидат целосно бесплатни, туку државата ќе покрива 70 проценти од нивната цена, додека остатокот ќе го плаќаат самите странци. Исто така, се предлага да се укине можноста за еднократно бесплатно полагање на тестот за познавање на словенечкиот јазик.
Според важечките прописи, странците кои сакаат да живеат и работат во Словенија треба да имаат познавање на словенечкиот јазик, а дел од експертите предупредуваат дека новите мерки би можеле дополнително да ја отежнат нивната интеграција.
Извршниот директор на Словенечката филантропија, Франци Златар, смета дека предложените измени ќе ги погодат токму имигрантите кои веќе работат на ниско платени работни места и често се изложени на експлоатација.
„Ако сакаме имигранти кои добро ќе се интегрираат и ќе го научат јазикот, тогаш ова сигурно не е добра мерка“, изјави Златар, оценувајќи дека промените нема значително да го намалат приливот на имигранти.
Во меѓувреме, електронскиот попис во Словенија покажува дека досега се попишале повеќе од 3.300 македонски државјани.
