Трагичниот биланс по силниот земјотрес во Колумбија надмина 111 загинати

Најмалку 111 лица го загубија животот, а 87 се повредени во разорниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што ја погоди Колумбија. Земјотресот предизвика големи материјални штети и уривање на десетици објекти, а спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по преживеани.

Епицентарот на земјотресот бил регистриран во близина на општината Сан Хозе дел Палмар, во департманот Чоко, на западот на земјата. Според Геолошкиот институт на САД, потресот се случил на длабочина од околу 107 километри.

Според првичните податоци, најмалку 61 објект целосно се урнал, додека повеќе од 1.500 објекти се оштетени. Сериозни последици се пријавени во повеќе градови, меѓу кои Переira, Кали и Манизалес.

Иако епицентарот бил стотици километри оддалечен од Богота, силниот потрес бил почувствуван и во главниот град, каде што граѓаните во паника ги напуштале зградите. Активирани биле службите за итни случаи, а на повеќе места биле забележани евакуации.

Колумбискиот претседател Абелардо де ла Есприеља наредил координирана реакција на институциите и формирање единствен команден пункт за проценка на штетите и координација на спасувачките операции.

Особено тешка е состојбата во Переira, каде што се пријавени голем број жртви и урнати објекти. Штети има и во Кали, каде спасувачките екипи проверуваат оштетени згради и трагаат по лица кои можеби се заробени под урнатините.

Потресот бил почувствуван и во соседни земји, меѓу кои Еквадор, Панама и Венецуела. Надлежните предупредуваат дека се можни дополнителни потреси, додека проценката на штетите и бројот на жртви продолжува.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e