Вучиќ ги отфрли шпекулациите дека новинарските прашања се причина за неговото влошено здравје

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој денеска и официјално почна со своите работни обврски во својот кабинет, со намалено темпо по препорака на лекарите, на прес-конференција ги отфрли шпекулациите дека новинарските прашања се причина за неговото влошено здравје, јави дописникот на МИА од Белград.

– Новинарите немаат никаква врска со моето здравје, јас сум хронично болен, плус акутни проблеми. Тоа е моја работа и никој нема врска со тоа , рече Вучиќ на прес-конференција.

Претседателот го повтори својот став дека тој не бега од новинарски прашања и дека никогаш не избегал, туку дека, напротив, тој е секогаш подготвен да одговори на сите прашања на новинарите бидејќи му се дава можност да укаже на лагите што ги користат одредени медиуми или политички противници и да им покаже на граѓаните што е вистина.

– Никогаш не бегав, никогаш не ги криев темите под тепих, не се криев, и затоа секогаш победував. Би било претерано да кажам дека ги растурав политичките противници, но со тоа што ги расклопував на составни делови нивните лаги, покажав дека сум подготвен, дека бев подготвен и дека секогаш ќе бидам подготвен. И секогаш ќе ги победам, рече Вучиќ.

Оваа реакција на Вучиќ уследи по невидената медиумска војна меѓу провладините и опозоциските медиуми, со учество и на власта, дека реченицата „Ајде да не се занесуваме“ која му ја постави новинарот на Н1 телевизија на Вучиќ и држењето на мобилниот телефон блиски до неговто лице, била клучна за влошување на неговата здравствена состојба.

Прашан што очекува од планот на францускиот претседател Емануел Макрон за реформа на политиката за проширување на ЕУ и дали Србија ќе отвори нови поглавја, Вучиќ наведе дека четири поглавја во преговорите на Србија со ЕУ се подготвени, и дека од ЕУ зависи каква политичка одлука ќе донесе и дали и колку поглавја ќе бидат отворени до крајот на годината.

– Дали ќе се отворат нови поглавја или не, јас не знам, тоа зависи од нив (ЕУ). Како ќе одлучат тие, така ќе биде, рече Вучиќ, додавајќи дека не се грижи и „ЕУ нека си ја работи својата работа, а Србија ќе си ја работи својата“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ