Илир Мета му се заблагодари на Косово за укажаната помош

Албанскиот претседател Илир Мета и косовскиот премиер во заминување Рамуш Харадинај го посетија Драч, едно од најпогодените места од катастрофалниот земјотрес, јави дописникот на МИА од Тирана.

Мета му се заблагодари на Косово за укажаната помош, додавајќи дека братската солидарност на Косово го олеснило справувањето со оваа ситуација.

– Би сакал да се заблагодарам повторно и повторно за државата Косово, народот на Косово, сите институции, Владата на Косово, премиерот Харадинај, министрите и особено косовските безбедносни сили и косовската полиција, кои професионално и одговорно реагираа уште во првите часови на оваа трагедија и продолжуваат да им помагаат на нашите граѓани, рече меѓу другото Мета.

Од своја страна, косовскиот премиер Рамуш Харадинај рече дека Косово нема да штеди ништо за да им помогне на жителите погодени од земјотресот.

– Важно е дека сите на Косово се заедно со сите погодени од земјотресот. Сите механизми што ги има Косово се достапни. Од Косово нема да штедиме ништо за да бидеме заедно, рече Харадинај.

Посочи дека одреден број албански граѓани веќе се сместени во Косово.

– Имаме одреден број Албанци кои се сместени во Косово. Повеќето се во приватни семејства и приватни капацитети, хотели, како и во воен камп. Таму се сместени 500 лица. Условите не се совршени во овој камп, но да не бидеме погрешно разбрани. Тоа е поранешен германски воен камп, но ние направивме напори да не бидат под отворено небо, нагласи Харадинај.

Во Драч, покрај премиерот Харадинај и Мета, беше и албанскиот министер за земјоделство, Бледи Чучи, кој рече дека косовските експерти ќе бидат во Албанија и во втората фаза кога ќе се врши проценка на штетите.

Претходно настраданите подрачја ги посети и шефот на косовската држава Хашим Тачи, а претпладне и лидерот на Движењето „Самоопределување“ и иден премиер Албин Курти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e