Зошто на 15 октомври ќе дадам поддршка за новата македонска влада

Почитувани, еве полека привршуваат летните одмори. Eдно долго и топло лето на македонската политичка сцена се ближи некако кон крајот, но сепак време за одмор од политиката нема затоа што пред нас чека една жешка политичка есен, есен каде што ни претстојат локални избори кои се исто така многу значајни за Република Македонија.

Да, точно е, локалните избори за нас и за нашата Македонија ќе бидат многу важни не само поради тоа што избираме локална власт и градоначалници кои треба да ги решаваат секојдневните проблеми кои ги засегаат граѓаните, туку исто така овие избори ќе бидат важни за нас затоа што македонските граѓани без разлика на вера и нација, со својот глас на овие избори ќе испратат една силна порака со која ќе ја делегитимираат во целост и ќе стават крај на онаа политика на претходната влада која го узурпираше целиот демократски простор во кој живеевме, политика која во овој период на своето распаѓање се уште се тетерави тука пред нашите очи и на крајот како да сака да ни каже дека сме нација со кратко паметење, па сме заборавиле како било. Не, ништо не сме заборавиле.

Овие летни денови во напливот на мноштво информации и политички одлуки кои секојдневно се случуваа, многумина пријатели, а исто така и оние кои не ги познавам, а ме следат во моите текстови и колумни како и одредени новинари од некои неделници, ме прашуваа за мислење и став по некои од одлуките на новата Македонска влада, ме прашуваа за многу политички одлуки, за договорот со Република Бугарија, односите со Република Србија, ме прашуваа и дали се согласувам и што мислам за некои кадровски решенија, но исто така ме прашуваа кого ќе поддржам во претстојната политичка кампања за локалните избори која треба да почне за дваесетина дена. Еве накратко што им одговорив.

Во периодот што е пред нас, за време на изборната кампања, како и за локалните избори на 15-ти октомври ќе дадам силна и аргументирана поддршка на новата македонска влада.

Ќе дадам поддршка затоа што за овој краток период од само три месеци, се донесоа крупни политички одлуки во кои верувам, со кои длабоко се согласувам и за кои впрочем пишував во изминативе две години.

На меѓународен план се направи голем исчекор за Република Македонија. За само три месеци од земја која беше во ќорсокак, полека стануваме земја со респект кон која не може да се однесува кој како сака. Тоа е многу битно за мала земја како нашата и кој разбира дипломатија ќе разбере, а кој не, нема никогаш и ништо да разбере. Направивме еден силен дисконтинуитет на онаа погрешна надворешна политика, се отворивме за дијалог чесно и со добри намери спрема Република Грција во функција на изнаоѓање на решение за името и сега веќе се чувствува дека притисокот е повеќе насочен кон Република Грција. Во овој краток период низ средбите на високо ниво со грчкиот министер за надворешни работи покажавме отвореност и спремност да ги решаваме проблемите и за тоа добивме признание од европа, а и од самиот грчки министер Козијас на средбите деновиве овде во Скопје. Се надевам дека македонската дипломатија ќе продолжи на овој пат кој го започна и како што кажав, поддршката за тоа од нашите меѓународни пријатели ќе расте. Исто така го поздравувам договорот за добрососедство со Република Бугарија. Договор кој ќе има големо значење за нас не само во поглед на позитивни промени во односите со Бугарија, туку и ја претставува нашата земја како конструктивен европски партнер кој сака да гледа кон иднината, а не кон минатото. Иако, се крена многу врева во врска со овој договор од страна на опозицијата предводена од ДПМНЕ, не слушнавме ниту еден аргумент зошто овој договор е против интересите на Република Македонија, едноставно се беше една непримерна галама од оние лажни патриоти со што се обидоа да го манипулираат народот и ништо повеќе. Што се однесува до односите со Република Србија се надевам дека за кратко време ќе продолжат да се развиваат во онаа пријателска рамка која ние не сме ја напуштиле ниту еден момент, како што тоа некој сака да го прикаже. Имено, раководството на Република Србија треба и мора да разбере дека во Република Македонија има нова влада со своја политика која ги брани своите интереси и мора да соработуваат со таа влада во интерес на сите. Тоа што го направија со повлекување на своите дипломати е своевиден преседан и глупост сама по себе и еден вид на притисок врз Република Македонија затоа што некој сака да го прекине она мешетарење од српското ,,разузнавачко-новинарско“, подземје во Република Македонија. Но, како што видовте се тресеше гората се роди глушец. Македонија не е веќе земја со која секој може да прави што сака. За три дена ги вратија своите дипломати како ништо да не било, нормално затоа што притисокот од Брисел беше таму насочен, а не кон нас, а всушност тоа е и суштината на дипломатијата.

Што се однесува до економската политика на Владата сметам дека е многу рано за само три месеци да се дадат некои оценки, но убеден сум дека со некои одлуки и буџетски решенија ќе се постават добри основи за понатамошен економски развој на државата, но за тоа ќе почекаме да се произнесат економските експерти и стопанскиот сектор. Сепак, треба да се поздрават оние одлуки и мерки на владата кои се донесоа, а не се малку за овој период и кои се во функција на олеснување на секојдневниот живот и намалување на секојдневните трошоци на граѓаните.

Ме радува исто така фактот што меѓу граѓаните се чувствува некоја релаксираност и отсуство на тензичност од политичката ситуација на каква што бевме навикнати. Тоа се чувствува и меѓу вработените во јавната администрација и секој ќе ви го потврди тоа. Нема веќе страв, притисок, списоци за митинзи, за протести, закани итн. Секако, оние административци кои го прекршиле законот треба да сносат последици, но тука завршува работата. Ова ми го потврдиле многу луѓе од институциите и искрено ме радува што е така. Многу и од оние кои се и на раководни места, а поставени од ВМРО-ДПМНЕ се таму на своите места и никој не ги закача. Не гледам никаков партиски реваншизам за кој врескаат ДПМНЕ, едноставно тоа е лага. А ако смената на Зврлевски ја сметаат за партиски реваншизам тогаш немам коментар за нивните глупости.

Што се однесува до прашањето околу некои кадровски решенија на некои редовни душегрижници кои неуморно цело лето ги исмејуваа и коментираа кадровските решенија на владата, би сакал да кажам дека се уште е рано да се дадат одредени оценки и би ги запрашал нив во која тоа влада во светот немало и промашени кадровски решенија. Поентата е во тоа да се види каде има слабости и тоа да се промени. Оваа влада е создадена во една тешка политичка и кризна ситуација и е составена од повеќе партии и коалиции и секој пат не може да се излезе во пресрет на сите квалитетни луѓе и нормално може да се случи поради политички притисок од коалиционите партнери да се донесат и погрешни кадровски решенија, но верувам дека со тек на време грешките ќе се исправат. Што се однесува до тезата што ја слушнав ова лето дека оваа влада ги загрозува медиумските слободи и врши притисок врз новинарите е ,,монти пајтон“, теза и не вреди воопшто да се коментира. После она десетгодишно цунами од пропагандно новинарство и шарлатанство да се каже дека денес немало медиумска слобода е повеќе од смешно, прашајте ги новинарите.

Исто така мислам дека е потребно да се работи повеќе на владиниот пи-ар, преку повеќе соопштенија и објаснувања за граѓаните, односно треба да се реагира побрзо. За да ги пресретнете сите глупости на опозицијата што може да ги измисли и конструира и после врз база на тие измислици да собира потписи, мора да реагирате брзо и сеопфатно, со разјаснување на проблемот. Впрочем, центарот за комуникации и пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ функционира така како и нивната политика, а тоа е креирање лаги и манипулации на дневна основа без престанок и ништо друго.

Но почитувани, пред неколку месеци не беше вака. Пред само неколку месеци иднината на нашата држава беше доведена во прашање. И сега ги гледам повторно оние исти ликови кои се одговорни за тоа, оние ликови од она обвинето раководство на ДПМНЕ, како се мотаат низ нашите села и градови и се нудат да сме гласале за нив, односно за нивните проекти. Ни срам ни перде за она што слушнавме дека го правеле, како краделе, како биле корумпирани, како ги уништувале институциите, како јаделе и пиеле со службени картички, како се заканувале, како не лажеле и свесно не оддалечувале од европа. Е сега истите тие ни нудат проекти. Ма какви проекти, носете се и вие и вашите проекти. Па зар има поголем проект од тоа да направиме оваа Република Македонија да има иднина, а не онаа нивна фамилијарна вукојебина со проекти која пак ни ја нудат. Зар мислат дека македонците се малоумни, да ги прашаме вака јавно.

Затоа, длабоко сум убеден дека истите тие граѓани кои десет години ги потценуваа, ги малтретираа, им продаваа приказни, истите тие ќе им го дадат соодветниот одговор и ќе видите сите заедно колку е силна ВМРО-ДПМНЕ кога ги нема механизмите на власт и присила. Многумина граѓани дури тогаш ќе разберат кој владеел со нив и ќе разберат дека ова не смее да се повтори.

Токму затоа, поради сите овие изнесени аргументи, ќе продолжам да давам поддршка на новата Македонска влада.

м-р Глигор Стоименов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e