Ги прогласуваа за „велепредавство од СДСМ“, а денес се фалат со тие работи

НЕПОДНОСЛИВАТА ЛЕСНОТИЈА НА ЛАЖЕЊЕТО
Како во животот, така и во политиката секој има право да го промени својот став. Но кога ќе сфатиш дека си грешел, постои нешто што се вика политичка доблест- а тоа е да излезеш пред граѓаните и да кажеш: „Погрешив. Ве доведов во заблуда. Извинете.“
Проблемот не е само во тоа што Тимчо Муцински денес зборува поинаку. Проблемот е што денес, како министер за надворешни работи, гордо ги кажува и се фали токму со оние работи кои тој и неговата партија со години ги прогласуваа за „велепредавство од СДСМ“ и врз нив градеа политички рејтинзи и кариери.
Со години ја плашеа јавноста дека Протоколите се најголемата закана за Македонија и дека тие се клучниот услов што ќе ја одреди нашата европска иднина. Денес, истиот тој Муцунски без никаков срам изјавува дека Протоколите не се дел од преговарачката рамка.
Со години ги убедуваа граѓаните дека Преспанскиот договор, наводно, го избришал македонскиот идентитет. Преку безобразни кампањи свесно лажеа дека сме станале „северномакедонци“ и дека зборуваме „северномакедонски јазик“.
Денес, истиот тој Муцунски категорично вели дека постои само македонски народ и македонски јазик и дека, пазете, ќе реагирал секогаш кога некој ќе се обиде да го негира тоа.
Каква бедна манипулација!
Ова повеќе не е прашање на политичка недоследност. Ова е прашање на кредибилитет. На доверба. На одговорност.
Затоа што додека тој, неговиот шеф и нивната партија градеа опозициски кампањи врз стравови, измислени закани и поделби, Македонија и граѓаните го губеа највредното- времето.
Времето во кое другите држави напредуваа кон Европската Унија. Времето во кое спроведуваа реформи, отвораа поглавја и ги подобруваа животните услови за своите граѓани.
Ние останавме заглавени во намерно измислени дилеми и политички конструкции кои денес самите нивни автори ги рушат со сопствени изјави.
Историјата не ги памети политичарите кои го смениле ставот. Ги памети оние кои за да дојдат на власт ја жртвувале вистината, ја поделиле сопствената држава и им украле години на своите граѓани.
Денес, со секоја нова изјава, Тимчо Муцунски не ја демантира опозицијата. Не го демантира СДСМ.
Се демантира самиот себе.
Македонија заслужува политичари кои имаат храброст да ја кажат вистината и кога е тешка. Не политичари на кои вистината им зависи од тоа дали седат на опозициските клупи или во министерската фотелја.
Бидејќи државата не смее да биде заложник на туѓите политички пресврти. А уште помалку на неверојатната леснотија со која некој денес го демантира она што вчера го претставувал како единствена вистина.
Времето што еднаш ќе се изгуби, не може да се врати. И токму затоа најголемата цена на ова лицемерие не ја плаќаат политичарите. Ја плаќаат генерациите на кои од такви како Тимчо и Мицкоски им беше украдена надежта дека Македонија може побрзо да стане европска, успешна и просперитетна држава.
ФБ став на Андреј Жерновски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e