Ова веќе не е само политичка тема. Ова станува меѓународна финансиска афера.
Додека во Унгарија веќе е започната истрага поврзана со околностите под кои беше реализиран заемот од една милијарда евра за Македонија, Владата на Мицкоски и понатаму молчи. Наместо одговори, добиваме тишина. Наместо транспарентност, добиваме молк. А колку е погласен молкот, толку повеќе расте сомнежот дека оваа приказна допрва ќе се расплетува.
Понекогаш не треба да чекаш пресуда за да сфатиш дека нешто не е во ред. Доволно е да ги следиш фактите.
Кога Владата на Мицкоски триумфално ја промовираше милијардата евра како „историски успех“, СДСМ беше единствената политичка сила што предупреди дека зад спектакуларниот ПР се крие сериозно сомнителен финансиски аранжман. Не затоа што сме против инвестиции или развој, туку затоа што беше јасен главниот мотив.
Денес повеќе никој не може да ги отфрла тие предупредувања како политички напади. Прашањата што ги поставувавме од првиот ден денес ги поставуваат и институциите во земјата од која формално дојде кредитот.
Од самиот почеток тврдевме дека ова не е обичен кредит. Предупредувавме дека станува збор за сомнителен финансиски аранжман, скроен далеку од очите на јавноста, со сериозен ризик јавните пари да завршат во приватни џебови. Предупредувавме дека секој граѓанин ќе ја враќа оваа милијарда евра со камати, а користа нема да ја почувствуваат ниту економијата, ниту стопанството, туку само мал број привилегирани поединци и фирми.
Уште тогаш предупредувавме дека не станува збор за класичен билатерален финансиски аранжман. Станува збор за сериозните сомневања дека средствата што Унгарија ги обезбеди преку претходно кинеско задолжување, потоа ги пласираше кон Македонија преку меѓувладин заем. Тоа не беше само финансиско, туку и геополитичко прашање. Ваквите модели на задолжување не доаѓаат без политичка цена, а токму затоа европските институции со години предупредуваат на ризиците од нетранспарентно финансирање и од зголеменото влијание на трети држави во регионот.
Предупредувавме и за начинот на кој е склучен договорот. Владата свесно го избра моделот „влада со влада“ (G2G), кој овозможува значително помала транспарентност и јавна контрола од редовните постапки. Токму затоа уште тогаш предупредувавме дека ваквиот пристап отвора сериозен простор за фаворизирање, судир на интереси и можни злоупотреби. Наместо целосна транспарентност и отчетност, добивме договор зад затворени врати.
Денес, кога истрагата веќе не е само македонска политичка тема, туку предмет на интерес и во Унгарија, Владата повторно молчи.
Затоа јавноста има право да ги постави прашањата што Владата упорно ги избегнува.
Зарем Мицкоски и неговите соработници навистина мислеа дека ова никогаш нема да излезе на виделина? Дека никој нема да ја следи трагата на милијардата евра? Дека никој нема да праша каде завршиле парите и кој профитирал?
Целата конструкција беше сомнителна уште од самиот почеток. Денес тие сомнежи не ги поставува само опозицијата. Ги отвораат и институциите во Унгарија.
Затоа Мицкоски мора да одговори.
Каде заврши една милијарда евра?
Кои компании ги добија средствата?
По кои критериуми беа избрани?
Колку од тие пари останаа во Македонија, а колку завршија во приватни македонски и унгарски џебови?
И уште едно прашање на кое јавноста заслужува одговор.
Кој е политичарот за кого се зборува дека со владиниот авион пренесувал кинески намирници за правење унгарски гулаш?
Ова веќе не е само политичка полемика. Ова е прашање на политичка, институционална и морална одговорност.
Бидејќи милијардата евра нема да ја враќаат ниту Орбан, ниту Мицкоски, ниту оние што профитираа од целиот аранжман.
Ќе ја враќаат македонските граѓани.
Секој работник.
Секој пензионер.
Секој млад човек што плаќа даноци.
Има афери кои завршуваат со политичка штета.
Има афери кои завршуваат со оставки.
Но има и афери кои завршуваат со затвор и остануваат запаметени како симбол на едно време во кое државата била ставена во служба на малкумина, а сметката им била испорачана на сите граѓани.
Милијардата евра на Мицкоски сè повеќе личи токму на таква афера.
Колку повеќе молчат, толку повеќе се отвораат нови прашања.
А вистината има една незгодна особина- секогаш стигнува. Тоа многу добро го знае барокниот стиропорски бегалец.
Прашањето повеќе не е дали ќе се дознае што се случило со оваа милијарда евра.
Прашањето е кој ќе понесе политичка, а доколку истрагите ги потврдат сомнежите, и законска одговорност за најконтроверзниот финансиски аранжман што токму оваа власт ѝ го наметна на Македонија и на нејзините граѓани.
ФБ став на Андреј Жерновски
