Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денеска порача дека обединувањето на опозицијата може да биде само околу јасни проевропски политики и Фронтот за вистина и правда, а Левица прво треба да се откаже од своите проруски политики и од Христијан Мицкоски.
„Гледаме дека и прокси партијата на Христијан Мицкоски, тоа е Левица, се согласува за избори и повикува на некакво обединување на опозицијата. Обединувањето може да биде само со и зад Социјалдемократскиот сојуз на Македонија”, рече Филипче.
Тој посочи дека СДСМ веќе го објави Фронтот за вистина и правда, чиј главен постулат е европската иднина на Македонија.
„Левица е партија којашто е проруска партија, којашто имаше јасен транспарент дека НАТО се убијци во Собранието и доколку ги сменат своите политики и се откажат од своите ментори и финансиери, мајка Русија и татко Христијан Мицкоски, и тие се добредојдени во Фронтот за вистина и правда”, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ порача дека за политичко обединување потребна е јасна определба на Левица за НАТО, за Европската Унија и иднината на државата.
„Нека се откажат, нека кажат дека НАТО е добро за земјата и дека се за Европската Унија. Затоа што Европа и проевропските политики, патот напред кон Европа, е тоа што е главен постулат на нашиот Фронт за вистина и правда”, рече Филипче.
Тој додаде дека СДСМ веќе разговара со политички партии, граѓански организации, поединци и интелектуалци за проширување на Фронтот за вистина и правда.
„Ги повикуваме тука и имаме многу разговори со други партии, луѓе, поединци, граѓански организации, видни интелектуалци коишто очигледно е дека сфаќаат што се случува, дека оваа власт не прави ништо, дека нема добри политики за граѓаните”, рече претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.
