Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, објави фотографија со која прикажа наводно спасување на мало теле за време на големиот пожар над селото Палиград, на планината Китка. Но, фотографијата не е направена во Македонија, туку потекнува од пожар во Калифорнија во 2020 година.
„Меѓу хаосот и пламените јазици, заедно со пожарникарите на Град Скопје успеавме да спасиме мало теле кое останало заробено на теренот зафатен од пожарот. Мало, исплашено, но живо – мала победа во еден тежок ден“, напиша Али.
Проблемот е што фотографијата употребена во објавата нема никаква врска со пожарот кај Палиград. Таа е објавена во американски медиуми во септември 2020 година и го прикажува телето Шарлин, кое навистина било спасено од опожарено подрачје во Калифорнија.

Според оригиналната приказна, пожарот во август 2020 година зафатил ранч во близина на Милпитас, Калифорнија. Новороденото теле било пронајдено на влажно парче трева среде изгореното пасиште, со изгорени трепки, по што било пренесено на безбедно место.
Оттука, фотографијата што Али ја искористил како илустрација не е автентична фотографија од спасување животно кај Палиград. Самото користење на фотографијата не докажува дека во пожарот кај Палиград не било спасено теле, но создава лажен впечаток дека токму тоа спасување е прикажано на фотографијата.
По реакциите, Али се извини за забуната и објаснил дека фотографијата била само илустрација на текстот, додека, според неговото тврдење, случката со спасеното теле навистина се случила.
